Вучиќ предупредува на ескалација и подолга војна без брз мир во Украина

Српскиот претседател оценува дека Москва и Киев одбиваат компромис, додека конфликтот ризикува прераснување во поширок глобален судир.
Фото: Instagram/buducnostsrbijeav

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека светот се приближува кон значително поголема војна, оценувајќи дека не постојат изгледи за брз крај на конфликтот меѓу Русија и Украина. Во интервју за поткастот „MD MEETS“, реализирано веднаш по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белград, Вучиќ истакна дека ниту една од двете страни во моментов не покажува подготвеност за мировен компромис.

Според проценките на српскиот претседател, воените дејствија во Украина ќе продолжат во текот на целата оваа година, а мировен расплетот не се очекува пред пролетта. Тој посочи дека конфликтот ќе трае сè додека една од страните не изгради доволно силна позиција за да ги наметне своите услови на теренот.

Вучиќ потенцираше дека главната пречка за прекин на огнот е целосната отсутност на волја за отстапки, бидејќи и Москва и Киев се фокусирани исклучиво на остварување целосна победа и пораз на противникот.

Во разговор со извршниот директор на „Аксел Шпрингер“, Матијас Депфнер, српскиот претседател упати критики и кон европските земји. Иако призна дека Русија ја започна воената агресија и дека не смеат да се изедначат сторителот и жртвата, тој оцени дека европската поддршка во оружје, финансиските пакети и санкциите претставуваат форма на хибридна војна против Москва.

И покрај тоа што Србија ја поддржува територијалната целовитост на Украина, Београд продолжува да одбива да се приклучи кон меѓународните санкции против Русија. Вучиќ додаде дека за средбата со Зеленски во Белград не го консултирал рускиот претседател Владимир Путин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс