Топлотните бранови ширум Европа ова лето однесоа голем број животи. Поплавите во Валенсија во 2024 година убија 200 луѓе и ја парализираа инфраструктурата, а поплавите во Германија во 2021 година ги открија сериозните слабости во системите за рано предупредување. Шумските пожари во Франција предизвикаа масовни евакуации и влошен квалитет на воздух.
Лесно е да се помисли дека силните институции и технологијата ги штитат богатите земји од последиците на климатските промени. Доказите покажуваат спротивно. Истражувачите од Универзитетот во Лунд, Шведска, кои ги проучувале земјите со високи приходи, укажуваат на еден клучен проблем. Одговорноста за прилагодување кон климатските промени често е расцепкана меѓу различните нивоа на власт.
Екстремното време ги разоткрива и старите нееднаквости меѓу луѓето според возраста, полот или потеклото. Мигрантите, постарите и луѓето со ниски примања се најпогодени. Причината не е само тоа што се поизложени, туку и полошите услови за живеење, пониските приходи, здравјето и помалото политичко влијание.
На меѓународните климатски преговори, како самитот на ОН COP31, прилагодувањето обично се прикажува како нешто што богатите го финансираат, а на сиромашните им е потребно. За тоа постојат историски и етички причини. Сепак, оваа рамка ја засенува едноставната вистина дека прилагодувањето е предизвик за секоја земја.
Во Велика Британија старите куќи тешко поднесуваат екстремни горештини и студ, а крајбрежјето е изложено на поплави и ерозија. Во Источна Англија, каде брегот се руши најбрзо во Европа, луѓето веќе губат домови, а загрозена е и националната енергетска инфраструктура. Британскиот Комитет за климатски промени предупредува дека напредокот со прилагодувањето е недоволен.
Во Шведска довербата во силните институции ги прикрива слабостите. Таканаречената нордиска исклучителност ги спречува владите јавно да ги признаат климатските ризици, а во технологијата имаат претерана доверба. Земјата има едно од најстарите населенија во Европа, што значи сè повеќе луѓе кои тешко се движат и се посебно ранливи при топлотни бранови. Крајбрежните заедници се соочуваат со сè почести поплави и ерозија. Народот Сами, пак, го губи изворот на егзистенција, бидејќи промените во природата го загрозуваат одгледувањето ирваси.
Преселувањето може да изгледа како едноставно решение, но тоа значи губење домови, работа, културно наследство и врски со местото што го обликувале генерации. Владите го мерат напредокот преку цели и показатели, а загубите на заедниците често остануваат незабележани. Проблемот не е во тоа што на богатите земји им недостигаат ресурси, туку што ресурсите не се претвораат автоматски во вистинска заштита.
Прилагодувањето најчесто се прикажува како техничко прашање, на пример подобра инфраструктура или системи за рано предупредување. Тоа е неопходно, но не е доволно. Во Шведска општините се одговорни за локалното прилагодување, но немаат поддршка од државата. Во Велика Британија локалните власти се ограничени од националните политики и буџети, а од нив се очекува да управуваат со сè поголемите ризици без доволно пари и надлежности.
Новата Рамка за климатска отпорност на Европската унија нуди можност овие слабости да се поправат. Отворено е прашањето дали поголемите амбиции ќе се претворат во конкретна акција. Без справување со проблемите во управувањето, отпорноста ризикува да остане политичка парола наместо реалност.
Признавањето на слабостите во богатите земји не смее да стане изговор за помалку помош за другите, напротив. Тоа само потврдува дека ранливоста ја обликуваат политичките и економските услови, а не само бруто-домашниот производ. Богатите земји мора да го поддржуваат прилагодувањето во светот и истовремено да се справат со сопствените слабости. Инаку прилагодувањето ќе напредува само на хартија, а изложеноста и нееднаквоста ќе растат насекаде.
