Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека телото на исчезнатиот маж со иницијали А.Н. сè уште не е пронајдено, иако истрагата, според него, укажува на област каде што можело да се случи кривичното дело и каде што телото можеби било оставено. Тој апелираше до медиумите да не објавуваат непроверени информации, нагласувајќи дека јавноста ќе биде информирана преку државните органи.
Вучиќ рече дека во случајот се пронајдени траги од пукање и крв, и покрај обидите, како што наведе, тие траги да се сокријат. Според него, тезата „нема тело, нема злосторство“ е неодржлива, бидејќи современите форензички техники можат да откријат траги и кога некој се обидел да го исчисти местото на настанот.
Директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ соопшти дека максимални полициски капацитети се ангажирани за расчистување на случајот поврзан со настанот во Сењак од 12 мај. Според него, полицијата, по наредба на Вишото јавно обвинителство, собира материјални докази од местото на настанот и од други сомнителни локации.
Во рамки на истрагата, десет лица биле предадени на сослушување, меѓу нив и четворица полицајци. Васиљевиќ нагласи дека „нема заштитени лица и нема да има“, додека Вучиќ најави дека Србија ќе донесе закон со кој полицајци и војници кои ќе бидат фатени дека работат за криминални структури повеќе нема да можат да останат во полицијата или војската.
Вучиќ порача дека „дилерите на дрога нема да можат да се шетаат со значки“ и дека државата ќе ги чисти безбедносните структури од луѓе кои, наместо да ја штитат државата, работат за криминалци. Во истото обраќање тој тврдеше дека вкупниот криминал во Србија во првите четири месеци од годината е намален, а дека сите убиства и тешки убиства во тој период биле расветлени.