Септември почнува со 35 степени, а потоа следува голем температурен пресврт

Септември во Скопје ќе почне со летни температури, но месечната прогноза на МСН најавува нагло заладување во средината на месецот.

Во првите десет дена дневните температури треба да се движат меѓу 31 и 35 степени. Најтопло се очекува да биде на 2, 8 и 9 септември, со прогнозирани 35 степени. Ноќните температури ќе останат високи, меѓу 17 и 20 степени.

Првата позначителна промена се најавува на 12 септември, кога максималната температура треба да се спушти до 27 степени.

Уште поголем пресврт се очекува од 13 септември. Прогнозата покажува 20 степени и 60 проценти веројатност за врнежи, а на 15 септември дневната температура би можела да падне до само 16 степени.

Свежото време треба да продолжи и во наредните денови. Од 19 до 21 септември се прогнозираат максимални 15 степени, со зголемена веројатност за дожд на 19 и 20 септември.

Кон крајот на месецот температурите повторно би се зголемиле. На 29 септември се прогнозираат 26 степени, а на 30 септември 25 степени.

Месечните временски прогнози се ориентациски и имаат помала сигурност за подалечните датуми. МСН ги означува првите десет дена како краткорочна прогноза, додека останатиот период е дел од поширока 30-дневна процена која може значително да се промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс