Четврток носи потопло време и повеќе сончеви периоди, но стабилната пролетна слика нема долго да трае. Пред продолжениот викенд, прогнозата најавува типично мајско време: претпладне сонце, попладне облаци, а од сабота и локален дожд.
Според УХМР, времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а наместа ќе има слаб локален дожд. Попладне во југоисточните делови се очекува нестабилност со услови за ретки грмежи и пороен дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер, со брзина над 50 километри на час. Максималната температура ќе се движи од 20 до 30 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 26 степени.
Изутринава најсвежо било во Маврови Анови и Лазарополе, каде се измерени 4 степени, додека најтопло било во Гевгелија со 17 степени. На Попова Шапка се измерени 5 степени, во Берово 6, во Охрид и Крива Паланка 7, во Битола, Крушево и Претор 8, во Скопје-Петровец и Штип 11, а во Скопје-Зајчев Рид 16 степени.
Продолжениот викенд ќе биде потопол, но нестабилен. Сабота се најавува како првиот понестабилен ден, со сончеви периоди, променлива облачност и можни попладневни врнежи. Поголема веројатност за дожд и грмежи ќе има во западните, југозападните, северозападните и планинските делови.
Во недела и понеделник времето ќе остане променливо. Температурите во делови од земјата ќе се движат околу 25 до 27 степени, но не е исклучена краткотрајна нестабилност, особено во попладневните часови. За прошетки и излети, најдобриот дел од денот ќе биде претпладне, бидејќи мајското време и овој викенд ќе игра по свое.