Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќаат возови од Скопје кон Велес, Битола и Гевгелија

Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќаат патнички возови од Скопје кон Велес, Битола и Гевгелија поради работи на делницата Скопје – Зелениково.

Прекинот е поради завршни градежни работи на делницата Скопје – Зелениково, во рамки на проектот „Градски воз“.

Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќа ниту еден патнички воз од Скопје во правец кон Велес, Битола и Гевгелија, поради градежни работи на железничката делница Скопје – Зелениково.

Од ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ информираат дека привремениот прекин е поради изведување на завршни градежни работи на пругата Скопје – Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково, за потребите на проектот „Градски воз“.

„Поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје – Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково, за потребите на проектот ‘Градски воз’, привремено од 22.6.2026 до 1.7.2026 година нема да сообраќаат возовите“, соопштија од ЈП МЖ – Инфраструктура.

Во овој период нема да сообраќаат патничките возови од Скопје кон Велес, Гевгелија и Битола, ниту возовите во обратна насока.

Нема да сообраќа ниту патничкиот воз што напладне тргнуваше од Битола во 12:46 часот и по пристигнувањето во Велес во 15:25 часот се враќаше назад, иако не минува низ делницата Скопје – Зелениково што се реконструира.

Во следните десет дена во земјава ќе сообраќаат само двата патнички воза кон Куманово — утринскиот и пладневниот, како и исто толку возови во обратна насока кон Скопје.

Последните две недели патничките возови кон Гевгелија бележеа големи задоцнувања, во одредени случаи и по два до три часа. Според патници, се случувало утринскиот воз од Скопје, кој според редот на возење треба да мине низ Велес во 7:22 часот, да пристигне дури околу 11:35 часот.

Имало и денови кога попладневниот воз од Скопје кон Гевгелија воопшто не заминал, поради што не сообраќал ниту утринскиот воз од Гевгелија кон Скопје.

Засега нема дополнително објаснување од ЈП МЖ – Инфраструктура и АД МЖ – Транспорт за претходните задоцнувања и откажувања на возовите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс