Возиња, 40-годишниот голман што ја напиша историјата на Зелено’ртските Острови

Голманот Возиња стана симбол на историскиот настап на Зелено’ртските Острови, откако со блескави одбрани ја запре Шпанија и го одведе својот тим до незаборавни 0:0.

Кога судијата го означи крајот на натпреварот на стадионот во Атланта, камерите веднаш го најдоа Возиња. Четириесетгодишниот голман на Зелено’ртските Острови беше во солзи, свесен дека токму тој штотуку станал дел од еден од најголемите моменти во фудбалската историја на својата земја.

Против Шпанија, еден од фаворитите на Светското првенство, Возиња одигра натпревар на кариерата. Со сигурни реакции, мирна глава и неколку клучни одбрани, ја зачува мрежата недопрена и му донесе на својот тим историско реми без голови.

На трибините, навивачите на Зелено’ртските Острови славеа како да освоиле трофеј. Играчите трчаа еден кон друг, се прегрнуваа и го впиваа секој момент од вечерта. За репрезентација која првпат настапува на Светско првенство, ова реми беше многу повеќе од резултат.

По натпреварот, Возиња беше прогласен за играч на мечот. Во емотивна изјава, тој објасни зошто не можел да ги задржи солзите.

„Плачев затоа што пораснав со баба ми и дедо ми. За жал, тие не се тука. Починаа пред неколку години. Тие беа сè за мене, сè во мојот живот“, изјави Возиња.

Тој додаде дека тешко му паднало и тоа што неговата мајка не можела да биде на стадионот поради проблеми со визата и трошоците околу патувањето.

„Нашето најсилно оружје е единството. Без разлика дали некој играч дошол денес или има 10 или 15 години, начинот на кој се однесуваме како семејство е нашата најголема сила“, порача голманот.

Возиња нагласи дека Зелено’ртските Острови не дошле на Светското првенство само за да уживаат во настапот.

„Сите мислеа дека дојдовме само да уживаме, но не. Ние сме тука да се натпреваруваме и да се бориме за нашата земја“, рече тој.

Неговата приказна брзо стана хит и надвор од теренот. Пред натпреварот, Возиња имал околу 50 илјади следбеници на Инстаграм. До крајот на денот, бројката пораснала на 5,3 милиони, претворајќи го од речиси непознат фудбалер за пошироката јавност во едно од најголемите имиња на турнирот.

Во фудбалот понекогаш не се паметат само головите. Понекогаш се памети голманот кој ќе издржи против фаворитот, репрезентацијата која ќе одбие да биде статист и моментот кога една мала земја ќе го натера светот да ја гледа со почит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс