Латвија синоќа издаде предупредување за можна закана за нејзиниот воздушен простор во областа Краслава, на југоистокот од земјата, веднаш до границата со Белорусија. По предупредувањето биле активирани и борбени авиони од мисијата „Балтик ер полисинг“ на НАТО, која го надгледува воздушниот простор на балтичките земји.
Латвиските вооружени сили соопштија дека жителите на областа Краслава биле предупредени преку системот за итни известувања на мобилните телефони. Засега од населението не е побарано да преземе дополнителни мерки. Латвиската војска соопшти дека, доколку ситуацијата се промени, граѓаните ќе добијат ново известување со конкретни инструкции.
НАТО ги активираше ловците
Поради можната закана биле активирани ловци од мисијата „Балтик ер полисинг“, преку која НАТО го штити воздушниот простор на Латвија, Литванија и Естонија. Латвиската војска наведува дека заедно со сојузниците непрекинато го следи воздушниот простор за да може веднаш да реагира доколку се појави потенцијална закана.
Противвоздушната одбрана долж источната граница во последните месеци дополнително е засилена. Сепак, засега не е соопштено каков објект го предизвикал предупредувањето, ниту е потврдено дека нешто навистина навлегло во латвискиот воздушен простор.
Сè почести инциденти со дронови
Латвија годинава неколкупати издаваше слични предупредувања поради дронови кои се приближувале до нејзиниот воздушен простор или навлегле во него. На 8 јуни, ловци на НАТО за првпат соборија странски дрон во латвискиот воздушен простор. Втор таков случај се случил на 14 август.
Латвиските власти тогаш соопштија дека дронот влегол од правец на Белорусија, а како можна причина биле наведени последиците од руското електронско војување. Само пред една недела, италијански ловец на НАТО собори дрон кој од Белорусија навлегол во воздушниот простор на соседна Литванија.
Според тогашното известување на Ројтерс, станувало збор за руски дрон „Гербера“, за кој постоела можност да носи експлозив. Латвиската војска повторно предупреди дека, додека трае руската војна против Украина, можни се нови случаи на странски дронови кои ќе навлезат во латвискиот воздушен простор или ќе му се приближат.