Жителите на Прилеп и Битола наскоро ќе добијат нова транспортна алтернатива. Од крајот на јуни или почетокот на јули треба да почне да сообраќа меѓуградски воз меѓу двата града, додека паралелно се работи и на воспоставување карго железнички превоз. Проектот доаѓа во период кога интензивно се гради автопатот Прилеп – Битола, а првите километри од новата делница се очекува да бидат пуштени во употреба следната пролет.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при посетата на Општина Могила, истакна дека новата железничка линија ќе им понуди на граѓаните побрза и попрактична можност за патување додека траат градежните активности на автопатот.
– Со оглед на тоа што се гради автопатот Прилеп – Битола и моментално се користи стариот пат, проценивме дека е потребно да се воведе меѓуградски воз. Во тек се подготовки на железничката инфраструктура, особено на патните премини, за линијата да започне со работа според планираната динамика – изјави Николоски.
Според најавите, возот ќе сообраќа во термини усогласени со потребите на патниците, а цената на билетот ќе биде 150 денари.
Покрај патничкиот превоз, Владата најавува и активирање на карго железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола. За ова веќе постои интерес од компании кои сакаат да ги користат предностите на железничкиот транспорт за превоз на стоки. Во меѓувреме, изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива според предвидената динамика. Николоски оцени дека работите на терен напредуваат со добро темпо и изрази уверување дека роковите ќе бидат испочитувани.
– Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на оваа делница. Тоа ќе донесе побезбеден и побрз сообраќај, но и дополнителен економски импулс за Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен и Демир Хисар – рече министерот.
Според него, новата автопатска врска ќе има значајно влијание врз развојот на целиот Пелагониски Регион преку подобрување на транспортот, привлекување инвестиции и создавање подобри услови за работа и живот. При посетата на Могила, Николоски потсети и на тековниот инвестициски циклус во општината вреден околу 700.000 евра. Во рамки на овие проекти веќе е реконструирана улицата „Гоце Делчев“, наскоро ќе започне изградбата на улицата „Пелагонија“, а преку програми поддржани од Светска банка се реализираат повеќе локални инфраструктурни зафати.
Во наредните денови се очекува да биде пуштено во употреба и новото фудбалско игралиште во Могила, донација од Фудбалската федерација на Македонија.