Граѓаните на Косово денеска гласаат на вонредни парламентарни избори, трети во период пократок од година и пол, во обид да се надмине политичкиот ќор-сокак што со месеци ја блокира работата на институциите.
Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), до 10 часот наутро гласале 59.619 избирачи, што претставува 3,04 проценти од регистрираните гласачи. Излезноста е малку повисока во споредба со претходните вонредни избори од декември минатата година, кога во истиот временски период гласале 2,68 проценти од избирачите. Гласачките места беа отворени во 7 часот, а право на глас имаат повеќе од два милиони граѓани. Изборниот процес во најголем дел започнал без проблеми, но локалните медиуми јавуваат дека во текот на утрото е регистриран и првиот инцидент.
Според Радио Ким, на избирачко место во основното училиште „Крал Милутин“ во Грачаница, член на избирачки одбор наводно се обратил на албански јазик кон гласачка која не го разбрала. По недоразбирањето, тој почнал да вика и да тврди дека на Косово се зборува само албански јазик. За случајот било известено надлежно лице кое интервенирало за смирување на ситуацијата.
На изборите учествуваат вкупно 21 политички субјект, меѓу кои 17 партии, три коалиции и еден независен кандидат. Од вкупно 120 пратенички места во Собранието на Косово, 100 се распределуваат меѓу албанските политички партии, додека по десет места се резервирани за српската заедница и за останатите малцински заедници.
Од српските политички субјекти во изборната трка се вклучени Српска листа и коалицијата „За слобода, правда и опстанок“.
Од повеќе од два милиони запишани избирачи, речиси 1,96 милиони гласаат на територијата на Косово, додека над 132.000 граѓани се регистрирани за гласање од странство. Во дипломатско-конзуларните претставништва гласањето заврши во саботата, а излезноста достигна високи 80,85 проценти. Изборниот процес го следат околу 16.600 акредитирани набљудувачи од политички партии, невладини организации, медиуми, меѓународни институции и дипломатски мисии.
Изборите се сметаат за клучни за политичката иднина на Косово, кое веќе подолг период се соочува со институционална нестабилност и тешкотии во формирањето стабилно парламентарно мнозинство.