На Волстрит во понеделникот индексите S&P 500 и Nasdaq ослабеа втор ден по ред, главно поради корекција на цените на технолошките акции по силниот раст во последните недели. Индустрискиот индекс Dow Jones порасна за 0,32% на 49.686 поени, додека S&P 500 падна за 0,07% на 7.403 поени, а Nasdaq изгуби 0,51% и се спушти на 26.090 поени.
На најголемата светска берза владее претпазливост поради кризата на Блискиот Исток. Претседателот на САД, Доналд Трамп, го одложи најавениот воен напад врз Иран, бидејќи, како што изјави, постои можност за договор со Техеран. Тој наведе дека одложувањето било направено на барање на лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Техеран претходно одговори на новиот американски предлог за завршување на конфликтот кој започна на 28 февруари, по нападите на САД и Израел врз Иран. Крхко примирје е на сила од 8 април. Поради овие случувања, цените на нафтата остануваат високи, што ја зголемува инфлацијата во светот. Во САД инфлацијата достигна највисоко ниво во последните три години, па инвеститорите стравуваат дека Федералните резерви би можеле повторно да ги зголемат каматните стапки кон крајот на годината.
Затоа се поставува прашањето дали силниот раст на технолошките акции во последните месец и пол е оправдан. Од 30 март, кога S&P 500 падна на најниско ниво од почетокот на војната меѓу САД и Иран, индексот порасна за повеќе од 18%, додека Nasdaq скокна околу 28%, поттикнат од оптимизмот околу развојот на вештачката интелигенција.
Иако дел од аналитичарите сметаат дека цените во технолошкиот сектор се преценети по брзиот раст, други веруваат дека има уште простор за пораст. „Постои загриженост поради брзиот раст на цените во краток период, па дел од инвеститорите решија да повлечат добивки од пазарот“, изјави Тим Гриски, портфолио менаџер во компанијата Ingalls & Snyder. Поради тоа, технолошкиот сектор падна речиси 1% втор ден по ред.
Во Европа, пак, берзите пораснаа. Лондонскиот FTSE порасна за 1,26%, франкфуртскиот DAX за 1,49%, а парискиот CAC за 0,44%.