Веќе речиси 50 години се оддалечува од Земјата со брзина од околу 61.000 километри на час. Сепак, колку и да звучи неверојатно, за сето тоа време сè уште не поминал растојание од еден светлосен ден од Земјата.
Научниците на НАСА го пресметале точниот момент кога тоа ќе се случи. На 18 ноември 2026 година, Војаџер 1 ќе биде оддалечен 25,9 милијарди километри од матичната планета, растојание кое светлината го поминува за еден ден, додека на Војаџер 1 за истиот пат му требаа повеќе од 49 години.
„Војаџер 1 ќе биде првиот објект направен од човекот кој ќе ја достигне оваа оддалеченост од Земјата, со што на долгата листа на успеси на оваа мисија ќе се додаде уште едно историско достигнување”, наведува НАСА во соопштение. Војаџер 1 и неговиот близнак, Војаџер 2, се единствените летала кои сè уште работат надвор од хелиосферата, заштитниот меур од честички и магнетни полиња кој го создава Сонцето.
Оваа пресвртница не е важна само како симболичен рекорд, туку има и практични последици по комуникацијата со сондата.
„Ако испратам команда и кажам ‘добро утро, Војаџер 1’ во осум часот наутро во понеделник, одговорот ќе го добијам дури во среда околу осум наутро”, објаснила за CNN Сузи Дод, раководителка на проектот Војаџер во Лабораторијата за млазен погон.
Првобитната задача на Војаџер 1 беше да помине покрај Јупитер и Сатурн, што успешно го оствари во 1979 и 1980 година, по што едноставно продолжи со патувањето низ вселената. Војаџер 1 и Војаџер 2 испратиле до Земјата драгоцени фотографии и податоци за Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, а во последниве години продолжуваат да бележат и анализираат необични појави во меѓуѕвездениот простор.
И покрај импресивната оддалеченост што ја поминала, сондата која енергија добива од плутониум полека останува без енергија. Во текот на минатата година, НАСА постепено ги исклучуваше научните инструменти за да го продолжи работниот век на леталото.
Денес се активни уште само два инструмента, магнетометарот и системот за мерење плазма-бранови, кој сè уште регистрира слаби електромагнетни сигнали од меѓуѕвездениот простор. НАСА проценува дека Војаџер 1 ќе продолжи да комуницира со Земјата до почетокот на 2030-тите години, кога нејзиното напојување ќе падне под минималното ниво потребно за работа на било кој инструмент.