Во срцето на езерото Викторија, најголемото езеро во Африка, се крие едно од најнеобичните природни богатства на Уганда. На тропскиот остров Букаса, повеќе од илјада километри оддалечен од морето, од карпа извира кристално чистиот водопад Нанзири, кој за локалното население претставува и природно чудо и свето место.
До ова светилиште стигнуваат само мал број посетители. Островот нема развиена туристичка инфраструктура, нема електрична енергија, водовод ниту сместувачки капацитети, а жителите внимателно ја чуваат мистичната атмосфера на местото. Многу од посетителите се аџии кои боси пешачат до водопадот, верувајќи дека неговата вода носи духовна сила и исцелување.
Архипелагот Сесе, каде што се наоѓа Букаса, брои 84 острови распослани низ езерото Викторија. Иако дел од островите се туристички познати, Букаса останува речиси недопрена дестинација, достапна само за оние што се подготвени за авантура.
Новинарот на CNN, Грифин Шеа, опишува дека патувањето до водопадот било вистински предизвик. До островот пристигнал со траект, а потоа со локален мото-такси продолжил кон светилиштето. Пред да му биде дозволен пристап, морал да помине традиционален ритуал на прочистување и да добие дозвола од чуварот на светото место.
Последниот дел од патот се поминува бос, по стрмни карпи и тесни шумски патеки. На изгрејсонце пред него се појавил водопадот Нанзири – бистра вода што извира директно од карпата, создава природен базен и потоа се слева кон езерото Викторија и реката Нил.
Иако локалните жители би сакале светилиштето да добие повеќе средства за одржување, тие истовремено сакаат да го зачуваат неговиот духовен карактер. Затоа, Нанзири и денес останува мистично место кое повеќе го посетуваат аџии отколку туристи.