„Земјиште“ – партиципативен филм во колективно авторство со премиера во Скопје

По премиерните проекции во Битола и Прилеп и гостувањето на фестивалот ВИА во Вртешка, „Земјиште“ вечерва ќе биде прикажан и пред скопската публика во КСП Јадро

Атриум ја најавува скопската проекција на партиципативниот експериментален филм „Земјиште“, создаден како резултат на повеќемесечен истражувачки процес со интергенерациски колектив од Битола и поширокиот пелагониски регион, во рамки на проектите „Предочени различности“ и  „Интергенерациски визуелни траектории“.

По премиерните проекции во Битола и Прилеп и гостувањето на фестивалот ВИА во Вртешка, „Земјиште“ ќе биде прикажан и пред скопската публика во КСП Јадро на 25 септември (петок) со почеток од 20 часот. По проекцијата ќе следи кино форум заедно со припадниците на интергенерацискиот соавторски колектив, и промоција на публикацијата „Земјиште – рефлексивни и критички осврти“, што произлегува од неколкумесечниот истражувачки и создавачки процес.

Публикацијата собира дел од искуствата, размислите и согледувањата што го следеа проектот – од појдовните тематски определби, до методолошките пристапи со кои се служевме – посветувајќи се и кон широката слика на создавање партиципативен филм со интергенерациски колектив, на децентрализирана основа.

Процесот се одвиваше во текот на неколку месеци и опфати работилници во кои учесниците, преку разговор, театарски и психодрамски техники, визуелно и аудиовизуелно истражување, работа со камера и заедничка рефлексија активно учествуваа во создавањето на филмот. Проектот беше поставен како простор за развивање колективно авторство, во кој учесниците беа активни соавтори и носители на сопствените наративи, со директен придонес во развојот и обликувањето на делото.

„Земјиште“ се бави со едно наследено, исцрпено парче земја, што ја носи тивката меморија на пет жени кои со години се враќаат за да копаат, да јадат и да си заминат, повторувајќи ритуал што одамна ја загубил смислата, но не и формата. Рутината се урива кога една од нив го продава својот дел од имотот, верувајќи дека се ослободува, а всушност тивко го поместува темелот врз кој стои нивното заедништво.

Од Атриум споделуваат дека проектот претставувал и обид културниот и уметничкиот процес да биде преместен од вообичаените практики на филмско создавање и да се ситуира во поразлични контексти. „Битола и Пелагонија, за нас претставуваат простор во кој се одвиваше значаен дел од процесот – од формирањето на колективот и истражувањето, до снимањето и создавањето на филмот. Токму оваа децентрализација ни овозможи да воспоставиме директен однос со локалната заедница, да создаваме солидарности и заедништва, и да создадеме дело што е по мотиви на пошироки интергенерациски согледувања, споделени лични и колективни искуства.“

Свој придонес кон проектната реализација дадоа: 

Режија и монтажа: Ивана Мирчевска
Сценарио: Калија Киселичка
Камера: Исток Чаповски
Анимација, дизајн на плакат и насловна илустрација за публикација: Ивана Мирчевска
Дизајн на звук: Марко Рикалоски
Снимател на VO: Александар Томевски
Дизајн на публикација: Стефан Танков
Автори на текстови во публикација: Јованка Попова, Ивана Мирчевска, Калија Киселички, Дино Чупевски
Продуцент: Дино Чупевски

Во филмот играат Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска и Ана Тамбура, со учество на останатите членови од интергенерацискиот колектив Михаил и Андреа Гроздановска, како асистенти при филмскиот сет. 

Проектот „Предочени различности“ е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
Проектот „Интергенерациски визуелни траектории“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Колективот упатува благодарности на соработниците од Хартефакт Скопје, Министерството за култура и туризам на Македонија, Europe House Битола, Домот на Култура Битола, Офицерскиот дом во Битола, МКЦ Битола, Сфера Интернешнл, Сапиенс Инвест, Буже компани, ресторан Безистен, Општина Прилеп, жителите на село Трново, КСП Јадро, ВИА интердисциплинарен фестивал и сите пријатели, блиски и соработници кои биле покрај нив во текот на процесот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс