Шеснаесет песни од богатата музичка кариера на Тоше Проески се објавени на новото двојно винилно издание „The Very Best of Toše Proeski“, кое го претстави хрватската дискографска куќа „Хит рекордс“.
Колекцијата носи избор од најпознатите песни на македонската музичка ѕвезда, меѓу кои „Игра без граници“, „Једина“, „Чија си“, „Боже, брани је од зла“, „Пратим те“, „Срце није камен“ и „Несаница“. Станува збор за композиции што ја одбележаа кариерата на Тоше и со години останаа меѓу најслушаните песни во регионот.
Главниот уредник на „Хит рекордс“, композиторот Мирослав Рус, истакнува дека изданието има посебно значење за него поради пријателството и долгогодишната соработка со Тоше.
„За мене ова е посебен момент. Да се работи на издание на голем уметник пред сè е чест, а поради нашето пријателство и обврска. Не можам да замислам делото на Тоше Проески да остане без албум што претставува сериозна и трајна трага за еден уметник без граници“, порача Рус.
Тој и Тоше соработуваа на повеќе песни, меѓу кои и „Игра без граници“, една од најпрепознатливите композиции во кариерата на македонскиот пејач.
На песните застапени на двојната плоча работеле познати регионални автори, меѓу кои Миро Буљан, Антонија Шола, Леонтина Вукомановиќ, Ѓорѓе Новковиќ и Марина Туцаковиќ.
Посебно внимание е посветено и на изгледот на изданието. Дизајнот го изработил Игор Келчец, а предната и задната страна на плочата ги красат портрети на Тоше. Во внатрешноста е сместен колаж од приватни и професионални фотографии, кои прикажуваат моменти од неговите настапи, но и од животот надвор од сцената.
Звукот е приспособен за винилен формат, а купувачите што ќе ја нарачаат плочата преку интернет-продавницата на „Хит рекордс“ ќе го добијат и компакт-дискот со англискиот албум „The Hardest Thing“.
Со новото издание, песните на Тоше Проески првпат се обединети во ваква луксузна двојна винилна колекција, како уште едно потсетување на трајната музичка трага што ја остави во Македонија и низ целиот регион.