„Безбеден град“ од 12 октомври се проширува во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

„Безбеден град“ официјално започна да се применува на 1 февруари 2026 година, најпрво во Скопје, Куманово и Тетово

Системот за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 12 октомври ќе започне да се применува и на подрачјето на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Со проширувањето ќе биде опфатено подрачјето на СВР Охрид, а целта е да се зголемат сообраќајната дисциплина и безбедноста на патиштата.

Во Охрид и Струга претходно беа поставени околу 40 сообраќајни камери на позначајни раскрсници, на влезовите и излезите од градовите, како и на патните правци кон Кичево, Дебар, граничниот премин Ќафасан и други фреквентни локации. Дел од камерите се поставени и на патот Охрид–Кичево, кај Горенци, Требеништа, Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.

Системот автоматски ги регистрира прекршоците, при што фотографиите и видеозаписите служат како доказ во постапката. Меѓу прекршоците што се евидентираат се пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло и управување возило со нерегуларни регистарски ознаки или без важечка регистрација.

„Безбеден град“ официјално започна да се применува на 1 февруари 2026 година, најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од коридорите 8 и 10. Според МВР, неговото воведување придонело за намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и несреќи во подрачјата каде што веќе функционира.

Тошковски најави дека процесот на проширување ќе продолжи, со цел системот постепено да ја опфати целата територија на државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс