Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) попладнево донесе времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем.
Причина за тоа е сомневање дека водата е загадена и небезбедна за граѓаните.
Одлуката е донесена по спроведен вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица за вода во селото Вруток, кој бил инициран по известување од Основното јавно обвинителство Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од Министерството за внатрешни работи во врска со квалитетот и безбедноста на водата за пиење.
Во инспекцискиот надзор учествувале претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Основното јавно обвинителство Гостивар, како и крим-техника од СВР Гостивар.
При контролата било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа била поставена пумпа без соодветно одобрение. Според првичните сомневања, преку неа директно била вбризгувана вода од реката Вардар во системот за водоснабдување, што претставува сериозен ризик за здравјето на населението.
Од Институтот за јавно здравје се земени мостри од водата, кои ќе бидат предмет на детални лабораториски анализи за да се утврди нејзината исправност и безбедност.
„Со цел да се спречи евентуална опасност по здравјето на населението, издадена е времена забрана за употреба на водата за пиење сè до добивање на резултатите од лабораториските испитувања кои ќе ја потврдат нејзината безбедност“, соопштија од АХВ.
Надлежните институции апелираат граѓаните да не ја користат водата за пиење сè додека не бидат објавени официјалните резултати од анализите и не биде укината забраната.
Во меѓувреме вистински хаос владее во гостиварската болница. Таму, во последните денови примени се над 1000 граѓани кои се пожалиле на цревни проблеми, дијареа и повраќање, а локалните медиуми пишуваат дека капацитетите на болницата се преполнети а медицинскиот кадар исцрпен.