Во нередите низ Франција уапсени над 2.000 лица, Макрон порача дека одговорните ќе платат

Протестите поради растот на трошоците за живот прераснаа во судири, пожари и грабежи во повеќе француски градови. Претседателот Емануел Макрон најави истраги, помош за погодените трговци и одлучен одговор на државата.
epa13313219 People walk past remains of a street bonfire in the aftermath of clashes between riot police and demonstrators in Paris, France, during nationwide protests against the high cost of living in the country, 18 October 2026. EPA/MOHAMMED BADRA

Над 2.000 лица се уапсени за време и по протестите против високите трошоци за живот низ Франција, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез. Демонстрациите во повеќе градови биле проследени со судири со полицијата, пожари, вандализам и грабежи, а стотици продавници и други објекти биле оштетени.

Според Александер Бомпар, претседател на Федерацијата за трговија и дистрибуција и директор на „Карфур“, погодени се околу 1.500 трговци, а материјалната штета се проценува на стотици милиони евра.

Протестниот бран, поттикнат од незадоволството поради растот на трошоците за живот, последниве недели ги зафати Шпанија и Франција, а потоа се прошири и во Италија и Португалија. Во Милано избиле судири со полицијата и биле запалени објекти, додека во Лисабон демонстрантите подигнале шаторски камп.

Макрон: Ништо не го оправдува насилството

Францускиот претседател Емануел Макрон ѝ се обрати на нацијата по насилните настани во саботата, осудувајќи ги уништувањето на јавниот имот и грабежите. Тој ги обвини насилните групи од крајната левица и лицата што им се придружиле за нападите врз продавници и јавни институции.

„Оние што уништувале мора да платат, оние што ограбувале мора да ја надоместат штетата, а оние што се обиделе да ја урнат Републиката ќе мора да одговараат“, порача Макрон.

Тој најави дека владата ќе ја анализира работата на безбедносните и разузнавачките служби и вети целосна транспарентност во истрагите. Според него, полицијата била изложена на насилство без преседан, а институциите мора да обезбедат одговорност за сторените дела.

Макрон најави и финансиска помош за трговците погодени од нередите. Воедно, рече дека се преземаат меѓународни мерки за обезбедување енергетски снабдувања, со очекување тие напори да се одразат и врз цените.

Повторни судири во Париз, полицијата употреби солзавец

И во неделата во Париз продолжија собирите и судирите. На плоштадот Република се собраа стотици демонстранти, а полицијата употреби солзавец и шок-бомби откако избиле нови тензии. Во близина на плоштадот бил забележан и голем пожар, проследен со густ црн чад.

Француските власти соопштија дека дел од собирите не биле одобрени и дека полицијата интервенирала за да ја растера толпата и да уапси учесници во нередите. Сведоци, меѓутоа, поставија прашања за распоредувањето на полициските сили за време на претходните протести, тврдејќи дека на некои места имало недоволно полицајци за да ги спречат грабежите.

Министерот Нуњез порача дека правото на протест е основно право, но дека намерното предизвикување нереди и насилство не може да се оправда со тоа право. Според него, продавници биле ограбени во Париз, Марсеј, Лион и Бордо.

Стотици илјади луѓе на протестите

Според податоците на француските власти, во саботата на протестите низ земјата учествувале околу 550.000 луѓе. Организаторите, пак, проценуваат дека бројот бил околу 800.000.

Макрон истакна дека младите чувствуваат силна неизвесност за иднината и за своите можности да најдат место во општеството. Тој рече дека нивниот глас мора да се слушне, но нагласи дека државата има обврска истовремено да го заштити јавниот ред.

Претседателот најави дека пратениците и локалните власти ќе работат на конкретни решенија во текот на неделата. Повика и на дијалог со младите, но предупреди дека дијалогот не значи отстапување од одговорноста за насилството.

Политички обвинувања и повици за одговорност

Лидерот на француската левица Жан-Лик Меланшон ја обвини владата дека е целосно одговорна за уништувањето на имотот, оценувајќи дека не успеала да го обезбеди јавниот ред. Тој истовремено ја критикуваше употребата на сила од страна на безбедносните служби.

Политичари од левицата и крајната десница претходно побараа оставка од министерот за внатрешни работи, тврдејќи дека владата била изненадена од размерите на насилството. Во меѓувреме, Макрон ги повика политичките партии недвосмислено да ги осудат нападите и да ги пренесат политичките расправи во институциите, а не на улиците.


Протестите повторно го отворија прашањето како да се одговори на незадоволството од животните трошоци и неизвесноста кај младите, без да се дозволи насилството да ги загрози граѓаните, јавните институции и бизнисите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс