Внимание: Студентите не сакаат „надзор“, сакаат родово и сексуално образование!

Студентите на УКИМ во „Внимание“ зборуваат за надзорот, насилството врз жените и потребата од родова еднаквост и сексуално образование.

Во најновата анкета на „Внимание“, ги прашавме студентите: На што те потсетува зборот „надзор“? Еве што ни кажаа: „Надзор, да бидеш гледан, набљудуван од страна на некој друг, да ги знае твоите чекори…“, „Како постојана контрола од некој да имаме и постојан притисок од некого“, „Непосакувана контрола“, „Цело време некој да не посматра, да ги гледа нашите постапки, да има влијание над нашиот живот и да пробува да го контролира… Тоа е многу лошо и треба да се оддалечиме од таквите луѓе околу нас и да гледаме да ги избегнуваме!“ Скраја да е!

Еве што ни кажаа студентите на УКИМ на прашањето „Кој треба да ги заштити жените од насилството и убиствата кои што ни се случуваат?“ – „Институциите не ја работат својата работа, и ние како жени сме оставени сами на себеси…“, „Најпрвин државата треба да е одговорна за тоа?“, „Сите заедно треба да работиме против насилството врз жените…“, „Се што можеме да направиме би требало да направиме, сепак прашањето е безбедност на животот“, „Треба да биде полицијата, иако не си ја вршат често својата работа како што треба“.
Ако си сведок или жртва на насилство врз жени – веднаш пријави во полиција!


Министерке за образование, слушнете ги студентите. Ги прашавме дали после толку фемициди треба во школо да се учи за родова еднаквост и сексуално образование: – „Се согласувам со тоа дека треба да се воведе, бидејќи тоа е дел од нашиот живот, во некој период од нашиот живот ќе се соочиме со тоа, и треба да сме спремни за тоа, да имаме предзнаење“, „Па да, би требало, оти мислам дека тоа е табу тема…“, „Да, треба да се учи…“, „Па мислам дека да, за се она што се случува немаме доволно едукација и знаење за тие теми поврзани со сексуалноста, фемицидот…“, „Апсолутно, мора да се зборува за тоа со децата отворено и искрено уште од најрана возраст, за да можат да знаат и препознаат и насилство и нееднаквост, да се зборува и за родова нееднаквост, за родово базирано насилство, за хомофобија – и да, секако, за сексуалното образование“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс