Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи проверува дали полициски службеници од Полициската станица Лисиче постапиле спротивно на службените процедури, откако во јавноста се појавија тврдења дека лице кое сакало да го пријави случајот со претепаното девојче во Аеродром било вратено од станицата со образложение дека жртвата треба самата да поднесе пријава.
Случајот предизвика силни реакции откако во јавноста беа објавени видеоснимки на кои се гледа како малолетно девојче е физички и психички малтретирано од врсници, додека други присутни го снимаат настанот со мобилни телефони. Според информациите, снимките прво биле однесени во полициската станица од граѓани, но тогаш немало формално постапување. Откако видеото стана јавно достапно, полицијата започна постапка по службена должност.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи презеде мерки за расчистување на случајот, изврши разговор со жртвата во присуство на родител, ги повика на распит инволвираните лица и го извести надлежниот јавен обвинител.
Проверката на Внатрешната контрола треба да утврди дали полициските службеници навистина одбиле да постапат по првичната пријава и дали во конкретниот случај биле почитувани законските обврски и службените процедури. Засега од МВР нема официјален заклучок за евентуална одговорност на полициските службеници.
Случајот со врсничкото насилство во Аеродром во изминатите денови отвори широка јавна дебата за навременото институционално реагирање, заштитата на малолетните жртви и одговорноста на сите инволвирани во вакви случаи.