Како парасоцијалните врски со интернет-ѕвездите го искривуваат развојот на младите

Еднонасочната виртуелна наклонетост ги заменува вистинските контакти, додека прикриениот маркетинг ја користи детската потреба за припадност

Младите не можат самостојно да ја препознаат комерцијалната позадина на содржините што ги пласираат интернет-ѕвездите, градејќи илузија на искрено пријателство со луѓе кои не знаат дека тие постојат. Д-р Јована Трбојевиќ Јоциќ, доктор по психолошки науки, предупредува дека создавањето вакви парасоцијални врски го попречува развојот на реални социјални вештини. Според неа, присуството на родителите во дигиталниот простор е неопходен филтер пред децата некритички да ги прифатат туѓите ставови и скриените реклами како сопствена реалност.

Појавата на инфлуенсери директно одговара на комерцијален пазарен модел каде поединци заработуваат преку навидум другарска комуникација со публиката, претставувајќи се како врсници полни со разбирање. Во такви околности се развива парасоцијален однос. Тоа е еднонасочна врска во која корисникот вложува емоции и фантазии врз основа на објавените содржини или повремен лајк.

Овој механизам носи ризик затоа што младите настојуваат да ја задоволат базичната потреба за поврзаност и припадност преку идентификација со непознати личности. Таквите релации создаваат привидна емотивна ситост и го отежнуваат стекнувањето секојдневни социјални вештини. Наместо да вложуваат труд во градење односи во училишниот двор или маалото, тие се повлекуваат во безбедната, но празна дигитална илузија.

Манипулативниот ефект лежи во фактот што профитот вешто се крие зад параванот на спонтаност и доверба. Децата и помладите адолесценти немаат когнитивен капацитет да препознаат дека препораката за одреден производ не претставува личен, искрен совет, туку платена огласна порака. Огласувањето настапува дури откако ќе се воспостави силна емотивна врска меѓу авторот и следачот.

Инфлуенсерите градат персони точно според желбите на публиката, нудејќи модел со кој младите можат лесно да се поистоветат. Кога некој со милионска публика ќе каже дека скапа крема му ги решила проблемите со акните, адолесцентот во ранлива развојна фаза верува без резерва. Тоа создава искривена слика за сопствениот изглед и наметнува потреба од купување скапи производи, што во домашни услови брзо прераснува во семеен притисок и фрустрација.

Адолесцентите влегуваат во ризичната група поради природната потреба за осамостојување и градење сопствен идентитет, но студиите покажуваат дека децата под 12 години се уште поподложни на овие влијанија. На таа возраст емоционалната и социјалната отпорност сè уште не се развиени. Кај девојчињата дополнително се забележува силен притисок околу физичкиот изглед поради идеализираните и обработени фотографии.

Индивидуалните фактори играат пресудна улога. Осамените и несигурни деца многу побрзо потпаѓаат под влијание на виртуелните идоли, барајќи прифаќање што им недостасува во непосредното опкружување. Затоа однесувањето на детето по гледањето на содржините претставува главен показател за тревога, особено ако почне да се споредува со туѓи животи, упорно бара конкретни производи или агресивно ја брани личноста од екранот.

Забраните не носат резултат ако не постои дијалог и разбирање за содржините што младите ги следат на своите телефони. Родителите и наставниците мора да функционираат како толкувачи на информациите, наместо само како строги критичари. Прашањето не е само колку време детето поминува на интернет, туку која психолошка потреба се обидува да ја задоволи таму.


Развивањето критичка мисла бара авторитетите во семејството вистински да се заинтересираат за дигиталните трендови без претходно потценување. Кога младите ќе почувствуваат дека нивните дигитални навики не се мета на автоматска осуда, стануваат многу поотворени за разговор за скриените манипулации, профитот и илузиите што им се продаваат спакувани како пријателство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс