Работниците ширум Шпанија излегоа на генерален штрајк поради растот на кириите и недостигот на домови, блокирајќи ги пристаништата, индустриските капацитети и јавниот превоз. Ова е прв ваков протест по 14 години кој заеднички го организираат водечките синдикати УГТ и ЦЦОО, здруженијата на станари и работничките организации. Протестот се одржува среде бури со силен ветар и дожд, само три недели пред предвремените парламентарни избори zakazani за 29 ноември.
Синдикатите пријавија 90 отсто одѕив во пристаништата и автомобилскиот сектор, со целосен прекин на производството во фабриките на Фолксваген во Навара и СЕАТ во Барселона. Во месната индустрија одѕивот достигна 85 отсто, комуналните служби бележат 82 отсто блокада, а енергетскиот сектор бележи пад на потрошувачката на струја за 10 отсто поради замрените погони.
Притисокот е најсилен во крајбрежните региони Каталонија и Андалузија. Според податоците на Младинскиот совет на Шпанија, просечната месечна кирија достигна 1.176 евра, што претставува 98,7 отсто од просечната плата на младите луѓе.
„Имам 36 години и сè уште не можам да живеам сам. Кириите и цените на становите постојано растат, станува невозможно“, изјави Хесус Гонзалез, вработен во ИТ оддел во болница во Мадрид.
На најголемиот пазар на големо во Мадрид, Меркамадрид, се собраа околу илјада демонстранти, каде полицијата употреби бибер спреј и уапси едно лице, а медицинска помош побараа 13 луѓе. Демонстрантите со знамиња и свирчиња се обидоа да го спречат излегувањето на автобусите од градските депоа.
Бизнис конфедерацијата ЦЕОЕ го оцени штрајкот како штетен за малите бизниси. Потпретседателката на здружението, Анхела де Мигел, изјави за државната телевизија ТВЕ дека решението лежи во масовна изградба на нови станови и намалување на даноците во градежништвото. Според проценките на Централната банка на Шпанија, земјата се соочува со дефицит од околу 750.000 домови, бројка што до 2028 година може да надмине еден милион.
Овој бран на незадоволство во Шпанија доаѓа по низа протести поттикнати од присилното иселување и смртта на 87-годишна жена во Мадрид, како и падот на владините мерки за замрзнување на кириите во парламентот.
