Американскиот театарски и филмски актер Стејси Кич почина на 85-годишна возраст во семејниот дом во Магдаленка, Полска, по долга битка со срцева слабост. Веста ја потврди неговата сопруга Малгожата Томаси. Кич изгради препознатлив карактерен профил низ шест децении творештво – од суровите улоги во филмовите на Џон Хјустон, преку популарниот ТВ-детектив Мајк Хамер, до строгиот, но праведен управник на затворот Фокс Ривер во серијата „Prison Break“.
Роден во Савана, Џорџија, во актерско семејство, Кич најпрво дипломираше англиски јазик и драмски уметности на Беркли, за потоа да се усовршува на драмската школа на Јеил и на престижната Лондонска академија за музика и драмска уметност (LAMDA). Уште во текот на шеесеттите години ги совлада клучните Шекспирови улоги како Хенри V, Меркуцио, Ричард III и Хамлет на њујоршките сцени.
Филмскиот пробив дојде преку соработката со режисерот Џон Хјустон во суровата боксерска драма „Fat City“ (1972), каде што Кич играше истрошен боксер што се обидува да се врати во рингот. Улогата во култниот „The Ninth Configuration“ (1980) на Вилијам Питер Блати го зацврсти неговиот статус на актер способен да долови комплексни психолошки состојби, додека за портретот на Ернест Хемингвеј во истоимената минисерија освои Златен глобус.
Телевизиската слава ја достигна со ликот на приватниот детектив Мајк Хамер во осумдесеттите, но снимањето нагло запре во 1984 година. Кич беше уапсен на лондонскиот аеродром Хитроу за обид за шверц на кокаин во личниот багаж и осуден на девет месеци затвор. Казната ја издржуваше во затворот Рединг во Англија, од каде што беше ослободен по шест месеци.
Токму тоа тешко лично искуство директно ја обликуваше неговата најпрепознатлива улога за помладите генерации. Кога во 2005 година ја прифати улогата на управникот Хенри Поуп во хит-серијата „Prison Break“, Кич ликот го изгради врз реалниот управник од затворот во Рединг, нагласувајќи ја човечноста и вербата во рехабилитација на затворениците наместо голата репресија.
Неговата последна филмска улога беше во остварувањето „Jay Kelly“, каде што го толкуваше таткото на Џорџ Клуни. Зад себе ги остави сопругата Малгожата Томаси и двете деца, Шенон и Каролина.
