Вилата на поранешниот албански диктатор Енвер Хоџа сега припаѓа на уметниците. Нејзиното отворање се одржа на почетокот на јануари.
Сите простори на троспратната вила се прилагодени за да им служат на уметниците не само од Албанија, туку и од целиот свет, за нивните различни проекти. За реализација на проектот, пред околу две години беше потпишан договор помеѓу Владата на Албанија и француската фондација Art Explora. На церемонијата на потпишување во Тирана присуствуваше и францускиот претседател, Емануел Макрон.
Со ова, уметниците ќе можат да живеат во куќата на поранешниот диктатор Енвер Хоџа, кој во текот на речиси пет децении наметнуваше силна цензура на уметноста.

Вилата 31 во центарот на Тирана има повеќе од стотина соби.
По падот на комунизмот во Албанија 1992 година, вилата била затворена, а за нејзината судбина биле водени различни расправии, од тоа да биде претворена во музеј до нејзино рушење. Со реставрацијата се сочувани сите елементи во вилата како што ги оставиле Хоџа и неговата сопруга Недџмије. Плочките, паркетот, мебелот, украсите на ѕидовите – сè е сочувано.
Салоните, дневните соби, спалните соби, собите за примање гости, студијата, работните и собите за состаноци се прилагодени за уметниците. Внатре во вилата на првиот кат се наоѓа и мало кино, каде што уметниците можат да постават свои претстави или да развиваат теми за дискусии.

Освен за уметниците, киното ќе понуди и програми за публиката. На првиот кат, каде што бил и базенот, просторот ќе се користи за перформанси и изложби на албански и странски уметници во Тирана. Вилата има свој лавиринт и често е тешко да се ориентираш во неа.
Ѕидовите се повторно обложени, мебелот е поправен, теписите се исчистени, а новата поделба на уметничките ателјеа е поврзана со старото семејно организирање на просторот.

„Оваа трансформација на вилата на поранешниот диктатор во простор за уметност ги става уметниците во позиција на вистински актери на социјалната и историската трансформација“, вели Капо, раководителка за развој и административно следење на Art Explora
Првите седум уметници – тројца од Албанија и уште четворица од Италија, Франција, Јапонија и Украина – започнаа работа на првите проекти.
Албанскиот премиер Еди Рама на свеченото отворање на овој проект рече:
„Овој простор треба да се користи за работи од кои би се ужасувал Енвер Хоџа. Тоа всушност беше двигателот на нашите умови. Ако имало нешто што ја правело диктатурата крајно окрутна, тоа бил секој израз на она што го нарекувале модернистичка дегенерација. Ова ќе биде дом на модернистичката дегенерација.“
Комунистичката ера во Албанија под Енвер Хоџа (1944-1985) беше период кој го карактеризираше авторитарен режим, со апсолутна контрола над сите аспекти на животот.