Кој е Абдул Ел-Саед, првиот муслиман во Сенатот на САД?

Лекар, епидемиолог и стипендист на „Роудс“, син на египетски имигранти, ја освои една од најжестоките изборни трки во САД, и покрај исламофобичната кампања што против него ја водеа Доналд Трамп и неговите сојузници.
epa13351860 US Senator-elect Abdul El-Sayed speaks during Michigan Democrats' election night watch party in Detroit, Michigan, USA, 04 November 2026. The 2026 midterm elections will determine congressional control and shape the final two years of President Donald Trump's term. EPA/SARAH YENESEL

Кога се качи на бината во Детроит, во раните утрински часови во средата, Абдул Ел-Саед се претстави со целото име Абдулрахман Мохамед Ел-Саед. Изборот не беше случаен. Тоа беше одговор на Трамп, кој во текот на кампањата упорно го нарекуваше „Мохамед Ел-Саед“. Неколку часа претходно, прогресивниот кандидат го победи републиканецот Мајк Роџерс во жестоката трка за сенаторското место во Мичиген. Со тоа левото крило на Демократската партија оствари голема победа во една од најважните колебливи сојузни држави во земјата. Ел-Саед е син на египетски имигранти и ќе биде првиот муслиман избран во американскиот Сенат. Пред насобраните поддржувачи рече дека гласачите се осмелиле да му дадат шанса на кандидатот што најмалку го очекувале и дека победата им припаѓа ним. Според Блумберг, тој освоил 52,5 отсто од гласовите, наспроти 45,6 отсто за Роџерс, со околу 96 отсто преброени гласачки ливчиња. Неговата победа е дел од поширокиот изборен успех на Демократите, кои повторно ја преземаат контролата врз Сенатот.

Биографијата на Ел-Саед е невообичаена за американски политичар. Роден е во 1984 година во Мичиген. Дипломирал на Универзитетот во Мичиген, а потоа студирал на колеџот Ориел при Универзитетот во Оксфорд, каде што добил стипендија „Роудс“. Докторирал медицина на Универзитетот Колумбија. Пред да влезе во политиката, предавал епидемиологија на Колумбија, каде што раководел и со програмата за системски науки. Зад себе има повеќе од сто научни трудови. Во 2015 година се вратил во Детроит, каде што градоначалникот Мајк Даган го назначил за директор на градскиот Оддел за здравство. На 30 години станал најмладиот здравствен комесар на чело на здравствен оддел во голем американски град. Неговата задача била повторно да го изгради одделот, кој бил приватизиран за време на банкротот на градот во 2012 година. Подоцна, од 2023 до 2025 година, раководел со Одделот за здравство, социјални и ветерански услуги на округот Вејн. Пошироката јавност го познава и како водител на подкастот „Америка дисектед“ и автор на книгите „Медикер за сите“ и „Лекување на политиката“.

Ова не му е прва голема изборна трка. Во 2018 година се кандидираше за гувернер на Мичиген и собра пет милиони долари за кампањата против тогашната гувернерска кандидатка, а денес гувернерка, Гретчен Витмер. Кампањата привлече национално внимание поради неговата младост, верата и планот за универзално здравствено осигурување во Мичиген. Тогаш загуби на партиските предизбори. Овојпат се кандидираше со поддршка на Берни Сандерс, за местото што го напушта сенаторот Гери Питерс. Неговата кампања се фокусираше на здравството и трошоците за живот, додека тој истовремено се соочуваше со напади врз неговата муслиманска вера и критики поради ставовите за Израел и војната во Газа. За разлика од дел од своите партиски колеги, Ел-Саед дејствијата на Израел во Газа ги опишува како геноцид. Токму тој став стана едно од главните оружја на неговите противници.

Кампањата во Мичиген беше една од најжестоките на овие избори. Роџерс, поранешен агент на ФБИ и поранешен претседател на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, го претставуваше Ел-Саед како екстремист и „измамник“ на кого не може да му се довери националната безбедност. Предупредуваше дека Мичиген не смее да стане „социјалистичка“ држава и се обидуваше, преку лични и семејни врски, да го поврзе со Муслиманското братство – организација од која Ел-Саед постојано се оградуваше. Но најдалеку отиде самиот претседател Трамп. На митинг во Порт Хјурон, неколку дена пред изборите, го нарече Ел-Саед „џихадист“ и „член на Муслиманското братство“, додека за Роџерс рече дека е „пита од јаболка“. За овие обвинувања не понуди никакви докази. Отиде дотаму што сугерираше дека Божиќ ќе биде откажан ако победи прогресивниот лекар. На истиот митинг гостин беше Дејвид Бимер, чиј син Тод загина во киднапираниот лет 93 на 11 септември 2001 година. Така, изборот на Ел-Саед во Сенатот беше спореден со борбата на патниците што им се спротивставија на киднаперите во авионот.

Посебна приказна е неговиот судир со потпретседателот Џеј Ди Венс. Тој прерасна во јавна расправија откако Ел-Саед саркастично праша дали покојниот дедо на Венс, белец роден во Апалачија, би ја прифатил неговата сопруга, која е од индиско потекло. Венс одговори дека Ел-Саед е „многу, многу зол“, а подоцна го нарече „ласица“ и му порача да молчи. Републиканците се обидуваа и да ја нарушат демократската коалиција. Покрај исламофобичната реторика, ги користеа и тензиите меѓу арапската и афроамериканската заедница за да одвлечат дел од црните гласачи. Трамп изјави дека секој црнец или Евреин што го поддржува Ел-Саед е „луд“. Сепак, раните изборни резултати покажаа дека Ел-Саед добил значителна поддршка и меѓу црните гласачи во Детроит.

Во поголемиот дел од кампањата, Ел-Саед се обидуваше да не одговара на нападите и постојано го враќаше разговорот кон економијата. Во победничкиот говор рече дека неговото име и неговата вера не се причината поради која луѓето не можат да си дозволат гориво, намирници или лекар. Тоа, на некој начин, беше суштината на неговата кампања: помалку пари за политичките и корпоративните интереси, повеќе пари во џебовите на граѓаните и здравствено осигурување достапно за сите. Потоа директно им се обрати на Трамп и Венс со реченицата што веќе го обиколува светот: „Вие избравте омраза, а Мичиген избра надеж“. Не пропушти ни една последна иронија. Рече дека ужива во помислата дека токму Венс, со кого јавно се судираше во текот на кампањата, ќе мора да положи заклетва пред него во Сенатот.


Победата има значење и надвор од границите на Мичиген. Таа им дава на прогресивците силен аргумент пред претседателските избори во 2028 година дека нивната политичка агенда може да победи и во најконкурентните сојузни држави. Мичиген е дом на голема арапско-американска заедница. Таму се наоѓа и Дирборн, град во кој Трамп доби значителна поддршка на изборите во 2024 година, кога многу гласачи беа незадоволни од начинот на кој администрацијата на Џо Бајден се справуваше со војната во Газа. Две години подоцна, истите тие заедници испратија во Сенатот човек што Трамп го нарекуваше „џихадист“. Историчарката Сали Хауел од Универзитетот во Мичиген-Дирборн, која ги проучува арапско-американските заедници, смета дека оваа победа покажува дека Американците сакаат промена…

е-Трн да боцка во твојот инбокс