Австриска параглајдеристка на возраст од 44 години преживеа застрашувачка средба со смртта откако мал авион директно го удри и ѝ го скина нејзиниот параглајдер додека лебдеше над Австриските Алпи.
Инцидентот се случил во сабота во областа Пизендорф во Салцбург, кога пилот на 28 години кој вршел туристички лет налетал врз жената. Пилотот им изјавил на властите дека немал можност да го избегне судирот.
„Елисата на моторниот авион сериозно го оштети параглајдерот, по што искусната параглајдеристка го активирала резервниот падобран”, соопштија од Државната полиција на Салцбург.
Жената, која на социјалните мрежи се претставува само со името Сабрина, го споделила видеото на Инстаграм. Снимката прикажува мирна летачка сцена покрај извонредна алпска гребенска линија, кога одненадеж во кадар влегува бел авион кој го кина параглајдерот само неколку метри над нејзината глава.
Таа почнува да се врти и да губи висина, но спокојно ја фаќа рачката на резервниот падобран. Резервата се отвори без проблеми и го успори нејзиниот пад. Остатоците од скинатиот параглајдер – во два дела – се влечеле зад неа, сè уште прицврстени за нејзиниот појас.
Сабрина успеала да ги ослободи нозете од опремата додека брзо се спуштала и прецизно слетала на земја, по што била евакуирана со полициски хеликоптер.
„Навистина сè уште не можам да поверувам дека седам тука и го пишувам ова”, напишала таа во описот на видеото, додавајќи дека на крајот завршила само со неколку модринки.