ВИДЕО: Камион загуби контрола и предизвика верижен судир со 14 жртви во ОАЕ

Во несреќата учествувале 23 возила, а поради силниот пожар по судирот властите ги идентификуваат загинатите преку ДНК-анализа.

Четиринаесет лица загинаа, а триесет се повредени во тешка сообраќајна несреќа во источниот емират Фуџеира во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), соопшти Министерството за внатрешни работи. Несреќата се случила нешто пред полноќ на влезот во емиратот, откако возач на камион загубил контрола и удрил во колона возила што се движеле забавено, по што избувнал голем пожар.

Во верижниот судир учествувале вкупно 23 возила, меѓу кои и пет камиони. Според официјалниот извештај на властите, тешкото товарно возило прво удрило во еден автомобил, потоа се превртело и налетало на останатите возила што стоеле во колона на влезот во Фуџеира.

Од силината на ударот камионот се запалил, а огнот брзо се проширил на неколку соседни возила. Надлежните институции наведоа дека токму пожарот по ударот довел до големиот број човечки жртви.

Полицијата од Фуџеира потврди дека 30 повредени лица се пренесени на болничко лекување. Поради степенот на оштетувањата од пожарот, форензичките тимови спроведуваат ДНК-тестирање за да го утврдат идентитетот на сите 14 загинати лица.

Фуџеира е единствениот од седумте емирати во ОАЕ што излегува директно на Оманскиот Залив и претставува важен транспортен и логистички коридор за товарен сообраќај кон источниот брег на земјата. Сообраќајот на оваа делница е особено фреквентен во вечерните часови поради движењето на тешки товарни возила.

Меѓу загинатите има државјани на Обединетите Арапски Емирати, а индискиот конзулат во ОАЕ официјално потврди дека во несреќата настрадале и индиски државјани. Од конзулатот соопштија дека се во постојан контакт со семејствата на жртвите и ги координираат активностите со локалните институции за обезбедување помош.


Екипите на полицијата, итната медицинска помош и цивилната заштита интервенирале веднаш по пријавата на настанот. Пожарникарите го изгаснале огнот, медицинските тимови ги транспортирале повредените во болниците, а полицијата го обезбедила местото на судирот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс