„Клиничката состојба на папата е стабилна, а терапевтско-дијагностичкиот процес што го пропишаа лекарите продолжува. Утринава тој прими евхаристија и ја следеше светата миса на телевизија“, се наведува во соопштението на Ватикан што го пренесе агенцијата АНСА.
Папата беше примен во болницата „Џемели“ во петокот, откако неговиот бронхитис се влоши.
Ова е неговата четврта хоспитализација од изборот за папа во 2013 година, што повторно ги отвори прашањата за неговото сè понесигурно здравје.
Лекарите потврдија дека папата има инфекција на респираторниот тракт и му препишаа „апсолутен одмор“ и соодветна терапија.
Поради здравствената состојба, папата Франциско денес го пропушти својот традиционален благослов на пладне, а дури одби да се појави на прозорецот на болницата за да ја поздрави малата група верници што се собраа под неговата соба.