Министерството за финансии на САД издаде ново, опширно предупредување до глобалните финансиски институции, најавувајќи засилување на притисокот врз Иран преку воведување на секундарни санкции против сите субјекти за кои ќе се утврди дека ги поддржуваат иранските активности.
Од Вашингтон порачуваат дека политиката на „максимален притисок“ останува активна и дека САД ќе ги користат сите расположливи алатки за да го ограничат економското влијание на Техеран на меѓународната сцена.
„Финансиските институции треба да бидат свесни дека Министерството ги користи сите достапни овластувања и е подготвено да воведе секундарни санкции против странски институции кои продолжуваат да ги поддржуваат активностите на Иран“, се наведува во соопштението објавено на платформата Икс.
Во рамки на новите мерки, САД најавуваат и дека нема да биде продолжено краткорочното одобрение кое овозможуваше ограничена продажба на иранска нафта што веќе се наоѓа на танкери, мерка која досега служеше како механизам за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар. Според податоците, станува збор за околу 140 милиони барели нафта кои беа опфатени со привременото ослободување.
Оваа мерка беше воведена за да се ублажи ценовниот шок на светските пазари по ескалацијата на конфликтот во регионот, кој доведе до сериозни нарушувања во енергетските текови и зголемена нестабилност на цената на нафтата.
Вашингтон оценува дека тековната ситуација е резултат на продолжени тензии и застој во директните преговори со Иран, кои, според последните информации, не донеле конкретен договор за деескалација.
Во меѓувреме, дипломатските напори продолжуваат, но без јасен напредок. Од американската страна се наведува дека разговорите остануваат отворени, иако исходот засега е неизвесен.