Вандали ја уништиле опремата за зимска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв

Уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура, велат планинарите

Над 45 од вкупно 112 поставени столбови кои се дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, се уништени, оштетени или отстранети, соопштија од Здружението за одржлив развој САТ Скопје.

Според нив, причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни.

Директна финансиска и морална штета

Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С.Македонија“, финансиски поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара, а имплементиран и финансиски поддржан од компанијата Одржливи Авантуристички Патувања и Организацијата за одржлив развој САТ Скопје, во соработка со Планинарската федерација на Северна Македонија (ФПСМ).

Зимската маркација беше поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои во исклучително тешки планински услови вложија значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата. Финансиската вредност на штетата се проценува на најмалку 8.000 евра (500.000 денари).

Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници.

Уништувањето директно ја загрозува безбедноста на планинарите и го попречува локалниот развој.

Во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива. Тогаш зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната рута. Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него повеќе не е препознатлива.

Столбовите на зимската маркација се означени со црвена и жолта боја бидејќи овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен – практика што се применува во многу европски планински региони и е застапена и во националните правила за планинарски патеки.

Уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам. Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк Шар Планина и локалните општини, прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка.

Случајот е пријавен во Полициската Станица Попова Шапка

На 19.08.2026 година, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, изврши увид на теренот и ги документираше локациите на кои беше утврдено оштетување и отстранување на опремата.

Очекуваме надлежните институции да ги утврдат сите околности и да постапат согласно со закон, со сериозни последици за оние што го сториле ова кривично дело.

Ова е штета за целата планинарска заедница, за Националниот парк Шар Планина, за планинарите, туристите, водичите, спасувачите и за сите што ја користат планината. Затоа, апелираме до сите посетители да ја почитуваат и заштитуваат планинарската инфраструктура и секое оштетување или отстранување на маркацијата да го пријават кај надлежните институции.

Им благодариме на волонтерите, донаторите, институциите, компаниите и поединците кои помогнаа во реализацијата на проектот, како и на планинарите кои навремено го забележаа и пријавија уништувањето.

Планинарската маркација не е само столб или знак. Во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс