Усвоен Законот за игри на среќа, обложувалниците без светлечки реклами и подалеку од училиштата

Исто така законот забранува надворешно рекламирање, вклучително и светлечки реклами на спортските обложувалници и казина

По повеќемесечна дебата Собранието на денешната седница го усвои Законот за игрите на среќа и забавните игри.

Со законските измени, прво се предвидува засилена контрола и надзор врз приредувањето на игрите на среќа, со цел намалување на сивата економија и спречување на финансиски злоупотреби. Од Министерството посочуваат дека законот е усогласен и со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Една од новините се однесува на регулирањето на „подарување“односно „giveaway“ активности, за кои отсега ќе биде потребна дозвола за приредување и плаќање соодветна давачка.

Со законот се уредува и дека правото на приредување на лотариски игри, како и електронските и интернет игрите на среќа, ќе биде во надлежност на државата, која ќе ги организира преку трговско друштво во државна сопственост.

Во делот на сопственичката и управувачката структура, се воведуваат критериуми за „fit and proper“ стандарди, со кои членовите на управните органи, содружниците и поврзаните лица ќе мора да исполнуваат услови за интегритет и соодветност.

Исто така законот забранува надворешно рекламирање, вклучително и светлечки реклами, а се забранува и  поттикнување учество на малолетници или пак содржина која ги поврзува игрите на среќа со решавање лични или социјални проблеми.

„Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Новина е и воведувањето задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри помеѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта, што се оценува како мерка за заштита на младите.

Токму овие законски измени беа предмет на критика од страна на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

Тие сметаат дека со ваквите законски измени ќе се затворат бројни обложувачници и дека илјадници граѓани ќе останат без работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс