Унгарскиот парламент усвои уставен амандман со кој мандатот на премиерот се ограничува на осум години, отворајќи можност поранешниот премиер Виктор Орбан да биде спречен повторно да се врати на власт. Амандманот беше изгласан со 135 гласа „за“ и 50 „против“, а предвидува ограничувањето да се применува и ретроактивно. Тоа би значело дека мерката ќе се однесува и на Орбан, кој во текот на својата политичка кариера помина околу две децении на премиерската функција.
Предлагачот на измените, Мартон Мелетеи Барна, изјави дека целта е да се постават нови демократски и уставни темели за државата. „Обновата на владеењето на правото нема да се роди од еден закон, но секоја вистинска демократска реконструкција мора да има симболични и уставни основи“, порача Барна.
Усвојувањето на амандманот е овозможено благодарение на двотретинското мнозинство со кое располага актуелниот премиер Петер Маѓар, што му овозможува спроведување на значајни уставни промени.
Сепак, дел од правните експерти и критичари предупредуваат дека ретроактивната примена на ограничувањето може да се соочи со сериозни правни предизвици, бидејќи се однесува на мандати остварени пред донесувањето на законот.
Покрај ограничувањето на премиерските мандати, амандманот предвидува и укинување на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција која Европската комисија ја критикуваше како спротивна на европското законодавство. Опозицијата и граѓанските организации претходно обвинуваа дека оваа канцеларија била користена за зацврстување на политичката контрола за време на владеењето на Орбан.
Амандманот сега треба да биде испратен на потпис кај унгарскиот претседател Тамаш Шуљок. Доколку тој одбие да го потпише, парламентот има можност повторно да гласа и да ги надмине неговите забелешки.