„Уна“ со Ристановски, во режија на Пројковски, стигнува до 50. изведба во „Звездара театар“

Претставата „Уна“, во режија на Дејан Пројковски и со Никола Ристановски во актерската екипа, на 8 октомври ќе го одбележи своето 50. изведување во белградскиот „Звездара театар“. Јубилејот доаѓа една година по премиерата, во период во кој претставата освои повеќе фестивалски награди и признанија од публиката. Театарот го најави јубилејот како дел од октомврискиот репертоар.

Текстот на Стеван Копривица е напишан според мотиви од романот на Момо Капор. Покрај Ристановски, во претставата играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо. Македонскиот авторски придонес го дополнуваат сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски, додека костимите се на Ивана Ристиќ.

За улогата во „Уна“, Ристановски ги доби признанието „Зоранов брк“ и наградата за најдобро актерско остварување на минатогодишните „Денови на Зоран Радмиловиќ“. Претставата ги освои и наградата од публиката и наградата за најдобра претстава на 41. фестивал „Театар во еден чин“ во Младеновац.

За Пројковски, „Уна“ отвора прашања што остануваат актуелни и со текот на времето, особено односот меѓу поединецот и системот.

„Нашата претстава е токму такво патување, во кое ги бараме вистинските одговори. ‘Уна’ отвора теми и прашања што се важни и сега и во времето кога бил напишан романот. Вечната тема на борбата меѓу поединецот и системот“, изјавил режисерот пред премиерата.

Магдалена Мијатовиќ, која го толкува ликот на Уна, по повод јубилејот вели дека вредноста на претставата ја гледа во можноста да разбуди сеќавања, да поттикне размислување и да отвори простор за разговор за слободата на говорот и мислата. За неа, токму чувството на заедништво меѓу сцената и публиката е една од причините поради кои постои театарот.

На публиката ѝ се заблагодари и Сена Ѓоровиќ.

„Педесетта средба со публиката, педесетти пат низ ‘Уна’ сите заедно одново да согледаме колку се важни театарот, љубовта и слободата. Благодарност до публиката што ни се враќа. Се гледаме на сцената!“, порача актерката.

По јубилејната изведба на 8 октомври, следните изведби на „Уна“ се закажани за 12 и 22 октомври.

е-Трн да боцка во твојот инбокс