Search

Уметноста е потребна за целосно отворање на затвореното без да предизвикаме омраза

Актерите Александар Степанулески и Стефан Вуисиќ зборуваат за Трн за претставата „Кафез кај кокони“ – новата премиера во Драмски театар, Скопје и пренесуваат дека нивното дело отворено зборува за правото на избор на сексуална определба. Во општество кое е прилично затворено нивниот смел настап говори за тоа дека уметноста и културата се добри гласници и спроводници на маргинализираните заедници во општеството.

Театарот како културен медиум е навистина прогресивен во својата фабула и секогаш е чекор напред во општество кое знае понекогаш да ги сатанизира различните и оние што отстапуваат од концептот „нормално“. А што е „нормално“ и „ненормално“ е само различна перцепција и поинакво ниво на свесност.

За последната изведба на претставата „Кафез кај кокони“ во Драмски театар билетите беа одамна распродадени, што говори за фактот дека само со неколку изведби станува многу популарна и омилена кај публиката. Претставата е во режија на Димче Николовски, по текст на францускиот автор Жан Пуар, а наменета е за публика над 18 години. Улогите во „Кафез кај кокони“ ги играат: Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Стефан Вујисиќ, Предраг Павловски, Димитрија Доксевски, Маја Вељковиќ Пановска, Дамјан Цветановски, Соња Стамболџиоска, Златко Митрески, Нела Павловска, Емилија Мицевска и Бранко Атанасов. Сценографијата е на Николовски и Благоја Бошковски-Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати-Кери.

Какви се реакциите на публиката, како постапуваат медиумите кон ваквиот вид претстави, колку ова значи за ЛГБТИ заедницата кај нас… актерите Степанулески и Вујисиќ ги пренесуваат своите ставови.

Трн: Колку очекувате поддршка кај јавноста, кај публиката и дали ви се остварија очекувањата? 

Александар: Кога еден театар, еден тим ќе почне да работи проект вложувајќи се безрезервно во материјалот тој несомнено и безрезервно очекува јавна поддршка т.е. препознавање на сработеното од страна на клучниот елемент за градење театар, публиката. Во однос на тоа за заедничка среќа очекувањата се остваруваат се повеќе и повеќе, публиката го полни салонот на Драмски и репризите се веќе распродадени. 

Стефан: За еден актер ,за една престава и за сите околу неа, поддршка од јавноста е секако добредојдена, дури и понекогаш очајно неопходна.

Трн: Дали сметате дека претставата ќе трае долго токму заради темата или заради комедијата? Дали тоа што избравте темата да ја обработуваат низ комедија сакавте да амортизирате критики во јавноста заради сензитивноста на темата? 

Александар:  Една претстава може да трае долго само ако во вистинско време го нашла точниот пат за комуникација со публиката, а за тоа секако дека поделементите како темата, приказната комедијата или трагедијата и те како се важни, како и третманот и обработката од креативниот тим. Во овој случај избраната тема т.е избраниот текст кој е одлично и комично напишан е полн погодок за долго живеење на претставата. Што се однесува на другото, театарот не постои за да амотизира јавни критики заради сензитивност на било какви општествени теми, туку за да биде чекор пред нив, да критикува, освестува, подготвува. 

Стефан: Преставата трае подолго од повеќе причини, со надеж дека повеќето се – оправдани. Комедијата генерално, со чест на разни “зачудно интересни исклучоци” треба да е динамична во темпо. Ако темата е интересна, или пак, интересното спасување на неинтересна тема покриваат интересност од 80 проценти , тогаш можеме да кажеме дека сме завршиле солидна работа.

Трн: Дали обработката на овие теми низ различни видови уметност помаагат кон обезбедување поширока поддршка во општеството кон ЛБГТ заедницата? Од друга страна, дали чувствувате отпор кај медиумите за дебата на овие теми? 

Александар: Со самото тоа што текстот е пишуван во 1973 година, се игра редовно низ декадите, снимени се филмови според него, и сеуште е актуелен, останува потребата за обработка на темата преку различни уметнички видови се разбира, и тоа не е само за да се обезбеди поширока општествена поддрша, туку за да се доближат различностите на нормално растојание за човечко разбирање на истите. Во случајот медиумите играат многу важна улога и се согласувам дека не секогаш се отворени за нормална дебата и јавна обработка на ваквите теми. 

Стефан :Избрале или избравме? Изборот на темата датира од недоволно познати извори за мене. За мене приказната започна откако драматургот и режисерот ни презентираа текст по кој се работени филмови во 70-сетите и 90-сетите и во тоа време тие, претпоставувам , делувале контраверзно и амортизирачки наклонето. Можеби и ние денес и покрај многуте ослободоумени поединци сепак треба да претставуваме одново основен потсетник дека не е се црно и бело.. тоа е и базичната улога на театарот, не?

Сметам дека уметноста е многу потребна за деликатно отворање на затворени теми на начини, кои, ако се умешно трасирани, нема да предизвикат омраза, или одбивност во афект, туку ефект на проразбудување на џелатите во нас, кои имаат улога да ги елиминираат предрасудите. Тројанскиот коњ може да има повеќе тројански коњчиња внатре. Децидната директност нуди страв, гнев и потсмев кон другиот; Уметноста нуди страв, гнев и потсмев кон себеси.

Постојат разни медиуми, секој со својот газда и својот светоглед. Постои страв, постои корупција. Ние сме се уште во некаков расчекор со дихотомски растројства. Се уште сме во фаза “Јас сум Ние” и “Ние сум Јас”.  Дебата треба секогаш да има и таа е здрава за нас.  Секако, има медиуми што подржуваат вакви теми , но, кон сите подеднакво треба да сме предострожни во детектирањето на тоа каде станува збор за искрени побуди , а каде за туѓ интерес.

Трн: Со честитките за добро одиграни улоги, ве прашувам каков е вашиот став кон ЛГБТИ заедницата и дали се чувствувате загрозени? 

Александар: Зошто не би ја поддржувал ЛГБТ заедницата, секој има право на сопствен живот, сопствени потреби и исполнување на истите, впрочем ги подржувам сите луѓе, заедници кои што имаат било какви потреби, лични или општествени се дури на мирен, питом и човечки начин си ги бараат и се борат за нив и никако насилно не му наштетуваат на другиот. 

Стефан: Благодарам на коментарот. Сепак , играта во мојот случај , нуди тотален отклон од тоа како стрејт маж игра геј маж, или жена во обид. Јас пробав тотално да влезам во тие чевли, иако мојот лик не носи и не сака чевли низ целата претстава. Одбегнав да карикирам или играм “како стрејт маж игра геј”. Јас си играм човек и неговите пориви, неговите глупости , неговите маани, неговите имперфектности … и тоа го прави сладок и блесав, не пре-нашминкан , не-ревијален – геј ,туку геј со желби и пробувања, успешни и неуспешни. Низ босоногоста протнувам симболи, како и луцидни – мета – пораки. Глупирајќи се на сцена потенцирам дека не секој геј маж или жена се под стереотипот  “Елегантните луѓе”  , туку се брате мили – мажи!

Јас подржувам право на глас, подржувам се’ што искрено треба да исплива на површина со став и приказна. Не подржувам злоупотребување слабост врз нечиј грб, не подржувам фанатизам во која било сфера. Не подржувам популизам и подржувам интересни отвореноумни луѓе кои имаат идеја да го променуваат светот во правец на интересно колажирање со осетна композиција!

Најново

Последни колумни