Европската економија повторно се соочува со притисок од енергетскиот пазар. Растот на цените на нафтата и горивата, зголемените инфлациски ризици и неизвесноста на финансиските пазари се меѓу главните теми на состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Даблин. Министрите за финансии на земјите од еврозоната се состануваат во момент кога повисоките трошоци за енергија повторно се закануваат да ја погодат економијата преку поскапи горива, транспорт и производство.
Цените на нафтата нагло пораснаа во последните денови, во услови на намалување на глобалната понуда и нарушувања поврзани со ситуацијата околу Саудиска Арабија и затворањето на Ормутскиот Теснец. Европските влади се под притисок да најдат мерки со кои би се ограничил ударот врз домаќинствата и економијата. Една од опциите што се разгледуваат е воведување данок на екстрапрофитите на енергетските компании.
Ирскиот министер за финансии Сајмон Харис, чија земја претседава со Советот на ЕУ, изјави дека енергетските компании остваруваат исклучително високи профити во услови на енергетска криза.
Според него, станува збор за профити што се поврзани со нарушувањата на енергетските пазари, а не со зголемена продуктивност или иновации.
Харис воедно ги отфрли тврдењата дека актуелниот раст на цените на бензинот и дизелот првенствено е последица на украинските напади врз руските рафинерии. Според него, клучен фактор за актуелната глобална енергетска криза е затворањето на Ормутскиот Теснец. Покрај цените на енергијата, министрите ќе разговараат и за состојбата на финансиските пазари и сигналите за повторно забрзување на инфлацијата. Во дискусиите ќе учествува и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
На неформалните разговори ќе учествуваат сите 27 министри за финансии на ЕУ и гувернерите на централните банки, како и претставници на Канада, Обединетото Кралство, Украина и Швајцарија и директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. Во меѓувреме, во Брисел продолжуваат разговорите за продолжување на индивидуалните санкции на ЕУ против Русија. Сегашниот режим треба да истече следната недела доколку земјите членки не постигнат договор.
Главната пречка е барањето на Франција рускиот милијардер Алишер Усманов да биде отстранет од санкциската листа, во контекст на напорите за ослободување на неколку француски државјани кои се притворени во Азербејџан. За продолжување на санкциите е потребна согласност од сите земји членки, а дипломатските консултации продолжуваат со цел да се најде решение што би било прифатливо за сите.
Во исто време, Европската комисија најави исплата од 3,3 милијарди евра за Украина, наменети за набавка на ракети и беспилотни летала.
Дополнителна неизвесност за европската безбедност носат и извештаите дека Пентагон разгледува можност за намалување на американското воено присуство во Европа. Според извештај на Ен-би-си, се разгледува повлекување на до 25.000 американски војници, што би значело намалување на американските сили на континентот за околу една третина.
Одлука сè уште нема, а предлогот би требало да биде разгледан во рамки на шестмесечната проценка на американското воено присуство во Европа. Сето ова ја зголемува неизвесноста пред европските финансиски министри, кои во Даблин се обидуваат да проценат колку долго економиите на ЕУ можат да го апсорбираат новиот енергетски шок без дополнителен инфлациски притисок.