Ексклузивно за Трн: Дино Мустафиќ за „Федра“меѓу Расин и Сара Кејн

Во класичната трагедија на Расин, Федра живее во свет во кој владеат редот, честа, законите и чувството на вина. Кај Сара Кејн, истиот мит се преселува во современ свет на моќ, отуѓеност и опсесивна желба.

Што се случува кога една жена ќе посака нешто што општеството не ѝ дозволува да го посака? Токму од ова прашање тргнува режисерот Дино Мустафиќ во „Федра – Антропологија на една желба“, чија премиера е вечерва, 19 септември, од 20 часот во Драмски театар Скопје. Претставата ги спојува „Федра“ од Жан Расин и „Љубовта на Федра“ од Сара Кејн во сценски диптих што отвора дијалог меѓу два различни века, но и меѓу две лица на истата разорна страст.

Две Федри, две епохи и два драмски јазика, но една желба која не се вклопува во правилата на светот во кој живеат. На едната страна е Федра на Жан Расин, кралица заробена во систем на чест, должност, закон и вина. На другата е Федра на Сара Кејн, преселена во современоста, во свет во кој моќта, отуѓеноста и неможноста за вистинска блискост ја прават желбата уште подеструктивна.

Режисерот Дино Мустафиќ двата текста ги поставува како две претстави кои не постојат изолирано, туку меѓусебно комуницираат.

„На 19 септември ќе ја имаме премиерата, која ја нарековме сценски диптих. Тоа се две претстави што заедно комуницираат. Едната е прочуената класична „Федра“ на Расин, а другата е драматизација на текст од една од најзначајните писателки од крајот на XX век – Сара Кејн. Тоа е нејзиниот текст „Федрина љубов““, вели Мустафиќ.

Според него, двете претстави не се само паралелно поставени верзии на истиот мит, туку воспоставуваат директен дијалог.

„Тоа се две претстави што меѓусебно кореспондираат, би можел да кажам и дека водат одреден дијалог. Ние овој диптих го нарековме „Федра: Антропологија на една желба““, вели режисерот.

Токму желбата е централната точка од која Мустафиќ го чита митот за Федра. Во неговото сценско толкување, приказната не е само трагедија за забранета љубов, туку и приказна за начинот на кој општеството ја контролира желбата – особено кога таа доаѓа од жена.

„Ќе се обидам да отворам некои теми што ми се чинат многу важни за денешното човештво и моментот во кој живееме“, вели Мустафиќ.

Една од нив е односот меѓу индивидуалната желба и општествениот систем што поставува граници околу неа.

„Тоа е, пред сè, односот на општеството и системот кон нешто што е желба. Затоа и ја нарековме „Антропологија на една желба“. Таа желба доаѓа од една жена која кај Расин, во митската димензија, е кралица, додека кај Сара Кејн е современа кралица на позиција на моќ. Нејзиниот грев е само тоа што има страст, има копнеж – да сака и да биде сакана“, вели режисерот.

Токму тука се отвора и еден од клучните контрасти меѓу двете Федри. Кај Расин, нејзината желба се судира со моралниот и општествениот поредок на класичниот свет. Кај Кејн, и покрај тоа што се менуваат времето, јазикот и општествениот контекст, механизмите на осуда и самоуништување не исчезнуваат.

За Мустафиќ, прашањето за женската желба е особено важно затоа што правото на нејзино изразување и понатаму е нерамномерно распоредено.

„Жената во таа смисла има многу помалку право да ги реализира своите копнежи, своите страсти, своите љубови, дури и да ги обелодени, бидејќи во еден момент за општеството ќе стане неприфатлива категорија“, вели тој.

Ликот на Федра во двата дела го толкува Јелена Жугиќ, со што актерката станува директната сценска врска меѓу класичната трагедија и современата интерпретација на митот.

Во претставата настапува и Дејан Лилиќ, кој по осум години повторно се враќа на матичната сцена, во улогата на Тезеј. Актерската екипа ја сочинуваат и Александар Степанулески, Лазар Христов, Леонардо Лазов, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

„Федра – Антропологија на една желба“ е претстава за љубовта, но и за границите што се поставуваат околу неа; за страста, но и за цената што ја плаќа оној што ќе се обиде да ја живее надвор од дозволеното.


е-Трн да боцка во твојот инбокс