Ракометните федерации на Македонија, Србија и Словенија поднесоа официјална заедничка кандидатура за организација на Европското првенство за мажи во 2034 година, потврдија денеска од Ракометниот сојуз на Србија. Трите балкански држави влегуваат во трка за континенталниот собир, а конкуренција за домаќинството ќе им бидат уште седум европски земји кои доставија понуди до Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Покрај заедничката балканска апликација, интерес за организација на првенството во 2034 година пријавија уште седум држави. Во конкуренција се Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Шведска и Турција. ЕХФ соопшти дека претстои детален преглед на инфраструктурните капацитети и техничките услови на сите кандидати.
Ракометните сојузи на Македонија, Србија и Словенија најавија интензивна соработка во претстојниот период за комплетирање на документацијата. Целта на федерациите е да достават обединет и сеопфатен проект што ќе ги исполни строгите стандарди на европската куќа на ракометот.
Официјалната одлука за тоа кој ќе го добие домаќинството за машкото ЕП 2034 ќе биде донесена следната година, за време на редовниот конгрес на ЕХФ.