Општина Центар во понеделник ќе спроведе нова вонредна дератизација на целата своја територија, само еден месец по претходната интервенција. Градоначалникот Горан Герасимовски предупреди дека прекумерното присуство на глодари не може да се реши исклучиво со третирање на теренот, туку бара итно запирање на натрупувањето отпад и редовно празнење на контејнерите низ скопските населби.
Ова е трета вонредна акција на општинските служби од почетокот на годината, по редовната пролетна дератизација. Локалните власти интервенираат на точки каде што граѓаните пријавиле поголема концентрација на стаорци и глувци.
Екипите ќе поставуваат мамци во канализациските шахти, на просторите околу садовите за смет и на други критични локации. Веќе од октомври треба да започне и редовната есенска дератизација на јавните површини.
Герасимовски посочува дека хемискиот третман дава само краткорочен резултат доколку не се отстрани изворот на храна за глодарите.
„Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем. Граѓаните мора редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и да не оставаат отпад на несоодветни места. Само со заедничка грижа можеме да имаме чист и безбеден Центар“, рече Герасимовски.
Општината најави дека продолжува со секојдневен мониторинг на критичните јавни површини.