Во ООУ „Петар Поп-Арсов“ во Скопје, изминатиот викенд се одржа креативната работилница „Уметноста на инклузијата“, организирана од Специјална Олимпијада Северна Македонија во соработка со НЛБ Банка, каде 15 атлети заедно со волонтери од Банката и ученици од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ создадоа 15 уметнички дела, покажувајќи како заедничкото творење може да ги надмине предрасудите и да ја претвори инклузијата во реална, видлива практика.
Настанот се одржа под менторство на уметницата и педагог Мирослава Микица Трујкановиќ, која преку ликовниот процес ги водеше учесниците низ креативно изразување, со фокус на соработка, развој на самодоверба и откривање на личниот потенцијал. Работилницата беше дел од пошироката стратегија на Специјална Олимпијада Северна Македонија за поттикнување на социјалната инклузија и градење заедница во која лицата со и без попреченост учествуваат рамноправно.
Од организацијата посочија дека токму уметноста е еден од најсилните начини преку кои лицата со попреченост можат полесно да го изразат својот внатрешен свет, емоциите и доживувањата. Претседателката на Специјална Олимпијада Северна Македонија, Моника Бошкоска, истакна дека ваквите иницијативи не се само работилници, туку простор каде се создаваат пријателства, разбирање и практична инклузија што останува и по завршувањето на настанот.


Од НЛБ Банка ја нагласија долгогодишната поддршка за Специјална Олимпијада, посочувајќи дека ваквите активности се важен дел од нивната општествена одговорност. Според нив, инклузијата е темел на здраво општество, а ваквите настани отвораат простор за препознавање и охрабрување на потенцијалите на секој човек.
Мирослава Микица Трујкановиќ посочи дека инклузијата во уметноста значи активно и рамноправно учество, каде секој потег со четката има подеднаква вредност. Таа нагласи дека преку овој пристап се поттикнуваат фината моторика, концентрацијата и самодовербата, но и се гради чувство на заедничка визија, особено кога различни учесници работат на исто дело.
Насликаните 15 дела ќе бидат претставени на хуманитарна продажна изложба што ќе се одржи на 4 мај 2026 година, а средствата од продажбата ќе бидат наменети за поддршка на развојните програми на Специјална Олимпијада Северна Македонија. Организацијата, која постои повеќе од две децении и е дел од глобалното движење Special Olympics, во земјава има околу 10.000 активни членови, од кои 2.500 се атлети, и продолжува да работи на создавање општество што ги вреднува различностите како заедничка сила.