Уметниците од 13 земји си направија свој систем: основана O.U.R. COOP

Во Никшиќ е основана меѓународната социјална задруга O.U.R. COOP, нов модел на колективно организирање на визуелните уметници, создаден како одговор на несигурната работа, слабата поддршка и пазарот што често ги остава уметниците сами.

Уметници, културни работници, истражувачи, куратори и експерти од тринаесет земји се собраа во Никшиќ, каде што од 16 до 20 мај беше одржано основачкото собрание на меѓународната социјална задруга на визуелни уметници O.U.R. COOP.

Со ова беше формализиран повеќегодишниот процес на создавање на една од поамбициозните иницијативи за колективно организирање на уметници во регионот и Европа. Задругата е основана во рамките на проектот Shared Visions, поддржан од Европската Унија преку програмата Креативна Европа.

Идејата зад O.U.R. COOP е едноставна, но ретко применета во културата: уметниците да не бидат само индивидуалци што преживуваат од проект до проект, туку заедница што споделува ресурси, пристап до пазари, знаење, правна и продукциска поддршка и меѓународни мрежи.

Во петдневната програма учествуваа повеќе од 40 уметници и културни работници од Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Белгија, Холандија, Хрватска, Казахстан, Русија, Курасао, Италија, Португалија, Германија и Соединетите Американски Држави.

Во фокусот беа задругарството, организирањето во културата, истражувањето на уметничкиот пазар, дигиталните алатки и моделите на солидарна економија. Наместо класичен пазарен модел во кој уметникот е сам пред галерии, институции и конкурси, O.U.R. COOP предлага колективна инфраструктура: демократско управување, заедничка сопственост и меѓусебна поддршка.

Еден од клучните моменти беше претставувањето на регионално истражување за пазарот на визуелни уметности во Србија, Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија, подготвено од Институтот за општествени науки од Белград, заедно со компаративни извештаи од Белгија, Холандија, Португалија и Украина. Истражувањето ги анализира условите за работа на уметниците, пристапот до пазарите, институционалната поддршка и можностите за нови модели на соработка.

O.U.R. COOP најавува и развој на дигитална инфраструктура, вклучително и алатки за транспарентно управување, заедничко одлучување и размена на ресурси. Во план е и онлајн продажна галерија, замислена како меѓународна платформа преку која уметниците ќе можат да претставуваат и дистрибуираат дела, знаења и вештини.

Проектот Shared Visions го води Фондацијата Фонд Б92 од Србија, во соработка со организации од Белгија, Холандија, Србија, Италија, Црна Гора, Украина и Португалија, а во мрежата на партнери се вклучени и организации од Северна Македонија.

Организаторите ја претставуваат задругата како долгорочен обид за поправеден и поодржлив уметнички систем. Или, кажано помалку бирократски: ако културниот систем не им дава доволно стабилност на уметниците, тие почнуваат да ја градат сами.

е-Трн да боцка во твојот инбокс