Украина се соочува со акутен дефицит на противбалистички ракети за одбрана од руските воздушни напади. Претседателот Волoдимир Зеленски изјави дека земјата моментално располага со трипати помалку пресретнувачки проектили во споредба со минатата година, иако сојузниците имаат достапни залихи. Од Европската комисија брзо одговорија дека финансиските средства се обезбедени, но дека Киев мора сам да ги дефинира конкретните потреби и да достави официјални планови за набавка.
Володимир Зеленски истакна дека испораките на противавионски и противбалистички проектили од западните партнери се значително намалени. Според неговите изјави, украинските сили за одбрана се принудени да штедат муниција во услови кога руските напади со ракети и беспилотни летала продолжуваат со ист интензитет. Тој посочи дека кај сојузниците постојат залихи, но процесот на нивна испорака на фронтот е закочен.
Европската комисија реагираше на изјавите од Киев со објаснување за процедурите за финансирање и испорака. Портпаролот Ујвари потсети дека Европската Унија веќе издвои 8,5 милијарди евра за воените потреби на Украина во текот на оваа година, наменети за борбени авиони, ракети и дронски системи. Според процедурите, Европската Унија не ги диктира видовите на оружје, туку чека Украина да го достави таканаречениот „план за набавка на производи“. Кога тие документи ќе пристигнат во Брисел, средствата се одобруваат во најкраток можен рок.
Иако приоритизацијата на ЕУ е да се купува воена опрема произведена во членките на Унијата или во самата Украина, правилата овозможуваат и исклучоци. Доколку Украина оцени дека ѝ се потребни ракети кои ги нема на европскиот пазар, средствата може да се искористат за купување од трети земји на светскиот пазар. Од Европската комисија порачаа дека нивните служби нема да користат летен одмор и ќе продолжат да ги обработуваат барањата за исплата без прекин.