Руската нафтена индустрија цел на украинските дронови: Дали Русија се соочува со криза на гориво ова лето?

Нападите врз руските рафинерии го намалуваат производството на гориво, додека сезонската побарувачка расте. Во повеќе региони веќе се бележат недостиг и ограничувања на бензинските пумпи.

Русија се соочува со сè посериозни предизвици во снабдувањето со гориво, откако серијата украински напади со дронови врз нафтените рафинерии почна значително да го нарушува производството и дистрибуцијата на бензин и дизел. Во повеќе региони веќе се регистрирани прекини во снабдувањето, а експертите предупредуваат дека проблемите би можеле дополнително да се продлабочат во текот на летото.

Според достапните информации, ограничувања во продажбата на гориво се воведени во повеќе од десет руски региони. Најтешка е состојбата на анектираниот Крим, каде дел од бензинските пумпи продаваат гориво само со ваучери, а за одредени видови бензин се воведени лимити за купување. Проблеми се пријавени и во Краснодарскиот регион, како и во делови од централна Русија, околината на Москва, северозападните области и рускиот Далечен Исток. Граѓаните на социјалните мрежи сè почесто известуваат за долги редици на бензинските пумпи и повремени недостатоци на гориво.

Ситуацијата дополнително ја влошува фактот што летниот период традиционално носи зголемена потрошувачка поради земјоделските активности и сезоната на одмори. Во исто време, дел од рафинериите спроведуваат редовни ремонти, што дополнително го намалува производствениот капацитет. Според проценките на агенцијата Блумберг, осум од десетте најголеми руски рафинерии биле цел на напади во текот на мај. За разлика од претходните години, дроновите сега ги погодуваат и постројките за секундарна преработка, клучни за производството на бензин и дизел, чија поправка може да трае со месеци.

Достапните податоци покажуваат дека производството на нафтени деривати во Русија во април било за девет проценти пониско во споредба со истиот месец лани, додека во мај падот достигнал околу 13 проценти.

Иако руските власти веќе воведоа забрана за извоз на бензин и формираа специјален штаб за следење на состојбата, експертите предупредуваат дека сегашните резерви можеби нема да бидат доволни доколку нападите продолжат со ист интензитет.

Според анализите, доколку не дојде до стабилизирање на производството и логистиката, локалните недостатоци на гориво би можеле да прераснат во поширока криза веќе кон крајот на јули или почетокот на август. Сепак, засега руските власти се обидуваат да го задржат растот на цените под контрола преку државно регулирање на пазарот. Украинските напади, според аналитичарите, создаваат сè поголем финансиски и логистички притисок врз рускиот енергетски сектор, отворајќи нов фронт во економската димензија на војната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс