Украина и Молдавија ги отвораат пристапните преговори со ЕУ, Црна Гора затвора нови поглавја

Европската Унија денес официјално ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија. Во меѓувреме, Црна Гора напредува во процесот и затвора уште две преговарачки поглавја.

Украина и Молдавија денеска официјално ги започнуваат пристапните преговори со Европската Унија, отворајќи го првиот преговарачки кластер „Основи“, додека Црна Гора продолжува да бележи напредок на европскиот пат со затворање на уште две преговарачки поглавја. На меѓувладините конференции што се одржуваат во Луксембург, Украина и Молдавија ќе ги отворат разговорите во рамки на кластерот кој ги опфаќа клучните области за членство во ЕУ – функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, владеењето на правото, правосудството, основните права, како и прашањата поврзани со безбедноста и економските критериуми.

Првиот кластер се смета за темел на целиот пристапен процес бидејќи токму овие поглавја се отвораат први и се затвораат последни во текот на преговорите.

Отворањето на преговорите со Украина долго време беше блокирано од поранешната унгарска влада предводена од Виктор Орбан, но по политичките промени во Унгарија и одлуката на земјите членки, амбасадорите на 27-те членки на ЕУ на 12 јуни дадоа зелено светло за почеток на процесот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, во заедничка изјава оценија дека одлуката претставува признание за решителноста, храброста и реформските напори што ги покажале Украина и Молдавија и покрај сериозните предизвици со кои се соочуваат. Тие истакнаа дека проширувањето претставува стратешки избор што придонесува за мирот, безбедноста и просперитетот во Европа, испраќајќи порака дека европската перспектива останува силен поттик за реформите и стабилноста.

Во исто време, Црна Гора ќе затвори уште две преговарачки поглавја – Поглавје 2 „Слободно движење на работниците“ и Поглавје 28 „Заштита на потрошувачите и здравјето“. Црна Гора останува најнапредната земја кандидат во процесот на пристапување кон Европската Унија. Досега има затворено 14 преговарачки поглавја, а властите во Подгорица најавуваат дека до крајот на годината планираат да ги затворат сите преостанати поглавја и дополнително да го забрзаат патот кон полноправно членство во Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс