Врховниот суд ја укина пресудата за сообраќајната несреќа кај Ласкарци и го врати предметот на повторно судење, со што осудените лица излегуваат на слобода. Одлуката ја донесе Советот за казниви дела под претседателство на Африм Фидани, оценувајќи дека претходната судска постапка била фалична. Со ова паѓаат правосилните затворски казни за сопственикот на „Дурмо турс“, возачот и службениците од станицата за технички преглед за трагедијата од февруари 2019 година во која загинаа 16 патници.
Петчлениот совет на Врховниот суд, во состав Африм Фидани, Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска, ги поништи решенијата со кои шестмина обвинети веќе беа испратени на издржување затворски казни. Највисокиот суд оцени дека процесот во пониските инстанци содржи суштински пропусти.
Целиот судски процес сега ќе мора да почне одново пред Кривичниот суд во Скопје. Оваа одлука доаѓа по повеќе од седум години од несреќата на автопатот Скопје – Тетово.
Скопска апелација на 8 мај 2025 година ги преиначи првостепените пресуди и значително ги зголеми казните, прифаќајќи ги жалбите на јавниот обвинител Дарко Јакимовски. Со таа одлука, сопственикот на превозникот „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари добија по десет години затвор, откако првично беа осудени на по шест.
Вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски добија казни од по седум години наместо првичните пет, казната на Јане Боваровски остана пет години, додека возачот Маноил Трифуновски беше правосилно осуден на 14 години затвор.
Судскиот процес во прв степен траеше со години поради обемни супервештачења кои требаше да утврдат зошто автобусот со 55 патници излета од коловозот. Според наводите на обвинителството, Белули и Мифтари свесно пуштиле технички неисправен автобус во сообраќај, додека вработените на техничкиот преглед свесно потпишале исправност.
Дел од осудените со месеци го одложуваа заминувањето на издржување на казните поради медицински интервенции. Мифтари во меѓувреме избега од државата, Белули издржувањето на казната го почна во затворот „Идризово“, а сега сите одлуки се поништени.