УХМР предупредува на локално невреме: Вечерва можен пороен дожд и во Скопје

По жешкиот ден со 40 степени, силна облачност зафати делови од западот, а метеоролозите најавуваат нестабилен викенд.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево издаде метео предупредување за нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Додека во Гевгелија живата на термометарот достигна рекордни 39,9 степени, радарските слики регистрираа силна нестабилна облачна маса во западниот дел од земјата. Метеоролозите најавуваат дека во вечерните часови услови за невреме има и во делови од Скопската Котлина.

Радарските мерења на УХМР попладнево регистрираа силна нестабилна облачна маса која навлезе од северозапад и директно се насочи кон полошкиот регион. На подрачјето на Гостивар и планинските предели западно од градот беа забележани силни електрични празнења, интензивен пороен дожд и олуен ветер.

Движењето на облачниот систем продолжи со правец од север кон југ. Поројни врнежи и засилен ветер подоцна беа регистрирани и западно од Кичево и околните населени места, со локални процеси во форма на краткотрајно невреме.

Мерењата во 17 часот покажаа екстремно високи вредности низ целата држава. Гевгелија беше најтоплиот град со измерени 38,5 степени во 15 часот по Гринич и дневна максимална температура од 39,9 степени. Во Демир Капија максималната вредност достигна 39,2 степени.

Високи температури беа регистрирани и во Скопје, каде мерните станици на Зајчев Рид и Петровец измерија 38,3 и 38 степени. Во Велес и Кавадарци максимумот исто така надмина 38 степени, додека свежина имаше единствено на планинските мерни станици на Попова Шапка со 22,8 и Крушево со 29,8 степени.

Метеоролошката прогноза за четврток најавува претежно сончево и топло време со мала до умерена облачност и умерен северозападен ветер. За петок се очекуваат максимални температури меѓу 32 и 39 степени, со умерен до засилен северен ветер.

За време на претстојниот викенд ќе се задржи топлото време, но попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. УХМР предупредува дека локално процесите ќе прераснат во невреме со интензивен дожд, силен ветер и услови за појава на град, при што максималните дневни температури во сабота и недела ќе се движат до 39 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс