УЕФА ја продолжи забраната за руски клубови и репрезентации и за сезоната 2026/27

УЕФА потврди дека руските фудбалски клубови и национални селекции остануваат исклучени од сите европски натпреварувања и за сезоната 2026/27, поради санкциите воведени од 2022 година.

Европската фудбалска федерација УЕФА ја продолжи забраната за учество на руските клубови и национални селекции во своите натпреварувања и за сезоната 2026/27. Според одлуката на Извршниот комитет на УЕФА, тимовите од Русија остануваат исклучени од сите европски клупски и репрезентативни турнири, вклучувајќи ги Лигата на нации, футсал натпреварувањата и другите официјални европски натпреварувања.

Забраната првпат беше воведена во 2022 година, по почетокот на руската воена инвазија врз Украина, кога ФИФА и УЕФА одлучија да ги суспендираат руските тимови од сите меѓународни натпревари. Во официјалниот документ на УЕФА се наведува дека листата на учесници за сезоната е ажурирана за да се усогласи со постојната суспензија, како и со прераспределбата на места според спортските резултати и европскиот клупски коефициент.

И покрај суспензијата, руските клубови формално задржуваат минимален коефициент во рангирањето на УЕФА, а федерацијата продолжува да исплаќа одредени солидарни средства за развој на младински и локален фудбал.

Во меѓувреме, украинската фудбалска асоцијација, националниот олимписки комитет и министерството за спорт на Украина повторно упатија апел до ФИФА и УЕФА да не ги укинуваат санкциите и да воведат слични ограничувања и за Белорусија. Руските спортски аналитичари предупредуваат дека продолжената изолација постепено влијае на падот на квалитетот на фудбалот во земјата, додека националната селекција моментално настапува само во пријателски натпревари со ограничен број противници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс