Хрватската полиција трага по 50-годишен маж осомничен дека во саботата вечер во Дрниш убил 19-годишен доставувач на пица. Според Полициската управа шибенско-книнска, убиството се случило околу 23:05 часот, на тераса од семејна куќа, каде осомничениот пукал од огнено оружје во младиот човек, кој починал на местото на настанот.
На терен се голем број полицајци, а во тек е интензивна потрага по осомничениот и криминалистичка истрага за утврдување на сите околности. Хрватските медиуми јавуваат дека полицијата го блокирала поширокото подрачје на Дрниш и дека се пребарува и густо пошумена област, со помош на дронови.
Според „Слободна Далмација“, убиениот 19-годишник бил матурант од Дрниш кој викендот работел достава за локална пицерија, заменувајќи пријател. Неофицијално, доставувачите се плашеле да одат на адресата на осомничениот, а младиот човек наводно се понудил да оди заедно со колегата, верувајќи дека „нема да има проблем“.
Не е целосно познато што точно се случило кога доставувачите пристигнале пред куќата. Според истиот медиум, 19-годишникот излегол од возилото и се упатил кон домот, по што се слушнале истрели. Неговиот колега избегал во паника и веднаш ја повикал полицијата.
Полицијата потврди дека осомничениот 50-годишник ѝ бил познат од претходно и дека во 2023 година против него била поднесена кривична пријава до Општинското државно обвинителство во Шибеник за недозволено поседување, изработка и набавување оружје и експлозивни материи. „Слободна Далмација“ дополнително објави дека истиот човек во 2002 година бил осуден на 12 години затвор за тешко убиство извршено во 1994 година.