Во Барселона вчера среде бел ден маж смртно нападнал жена со нож, а властите истражуваат дали станува збор за случајно убиство, пренесуваат шпанските медиуми.
Нападот се случил околу 11 часот претпладне во квартот Есплугес де Љобрегат, во југозападниот дел на градот, на околу три километри од стадионот „Камп Ноу“.
Полицијата потврди дека осомничениот е уапсен. Според досегашните информации, истражителите сè уште утврдуваат дали напаѓачот ја познавал жртвата, чија возраст и националност не се официјално објавени.
Од полицијата наведуваат дека, според нивните сознанија, двајцата не биле во љубовна врска. Извори блиски до истрагата посочуваат дека една од главните теории е дека жртвата била избрана случајно.
Локалните медиуми ја опишуваат жртвата како помлада жена. Во нападот бил повреден и 50-годишен маж кој се обидел да интервенира и да ѝ помогне. Неговата состојба не е критична.
Осомничениот бил уапсен околу пладне во квартот Лес Кортс, во близина на местото на нападот.
Градските власти на Есплугес де Љобрегат изразија длабоко жалење за насилната смрт на жената и упатија сочувство до нејзиното семејство. Советот ги осуди сите форми на насилство и изрази загриженост поради инцидентот што ја наруши безбедноста и мирот во заедницата.
Во градот е прогласена дводневна жалост, која започна на полноќ.
Регионалната полиција соопшти дека пријавата била примена на бројот 112 околу 11 часот, по што полицијата и итната медицинска помош веднаш излегле на терен, но жената не преживеала.