МВР и ОЈО ГОКК приведоа виш обвинител и го претресуваат обвинителството во Битола

Полициската акција во Прилеп и Битола отвора истрага за корупција по контроверзното враќање на пасошот на бизнисменот Борче Марковски.

Виш јавен обвинител е приведен вечерва во Прилеп, во заедничка акција на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Полициски екипи вршат претреси во домот на обвинителот, како и во службените простории на Вишото јавно обвинителство во Битола. Според првичните информации од теренот, истрагата се води поради сомневања за сторени коруптивни кривични дела поврзани со правосудни одлуки.

Полициските службеници постапуваат по налог на специјализираното обвинителство за организиран криминал. Од МВР ја потврдија акцијата, наведувајќи дека станува збор за истражни дејствија насочени кон расчистување сомнежи за коруптивно дејствување во правосудните редови.

„Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК во моментов врши претрес во дом и службени простории во Вишото јавно обвинителство Битола поради сомнение за сторени коруптивни кривични дела“, соопштија кратко од полицијата.

Според медиумите, акцијата е директно поврзана со постапувањето околу враќањето на патната исправа на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.

Вишото јавно обвинителство во Битола летово даде позитивно мислење на барањето на одбраната на Марковски да му биде вратен пасошот. По таквото мислење, надлежниот суд донесе одлука за враќање на исправата, по што Марковски привремено ја напушти државата и подоцна се врати. Судијата од судот во Струга кој ја потпиша одлуката за пасошот во меѓувреме замина во пензија.

Бизнисменот Борче Марковски се соочува со обвинение за малверзации при јавни набавки за потребите на РЕК Битола. Неговата компанија со години добиваше договори со милионски вредности во најголемиот енергетски комбинат во земјата.

За да ја обезбеди мерката и да го добие пасошот назад, одбраната на Марковски пред судот приложи гаранција во недвижен имот и вредности од над пет милиони евра. Повеќе детали за статусот на уапсениот обвинител се очекуваат по завршувањето на претресите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс