Турски државјанин уапсен по обид да шверцува 177 квадратни метри кожа

Камионот бил запрен на патниот правец Куманово – Крива Паланка, а во него биле пронајдени шест вреќи со 49 парчиња кожен материјал.

Турски државјанин е лишен од слобода кај Куманово, откако полицијата во товарно возило пронашла шест вреќи со кожен материјал, за кој постои сомнение дека е предмет на криумчарење.

Акцијата била спроведена на 10 јуни, околу 16:15 часот, на патниот правец Куманово – Крива Паланка.

Полициски службеници од Мобилниот тим при Мобилната единица за компензаторни мерки, во рамки на Одделот за гранични работи и миграција, запреле товарно возило „мерцедес бенз“ со косовски регистарски ознаки.

При контролата било утврдено дека возилото го управувал Т.Б.К. на 26-годишна возраст од Турција.

Во товарниот дел од камионот биле пронајдени шест вреќи, во кои имало 49 парчиња кожен материјал со вкупна површина од околу 177 квадратни метри.

По насоки на дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, возачот бил лишен од слобода.

Тој се сомничи за кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, казниво по член 278-б од Кривичниот законик.

Лицето е спроведено во Полициската станица Куманово, каде што се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс